Бадникови поворки утре претпладне во 62 града, во Скопје и празничен концерт на плоштадот Македонија

Во 62 града и населени места низ земјава утре во периодот од 10 до 12 часот илјадници деца ќе чекорат во бадникови поворки пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ со што ќе го најавата христовото раѓање и големиот христијански празник Божиќ.

Фото: МИА/Архива

Организацијата на бадниковите поворки следува по двегодишна пауза поради пандемијата со ковид-19, а се очекува најмасовна да биде манифестацијата во Скопје за каде е најавен и празничен концерт на плоштадот „Македонија“.

Манифестацијата во главниот град треба да започне во 11 часот, а на концертот на градскиот плоштад ќе настапат Антонија Гиговска, Ламбе Алабаковски, Златно славејче, Вера Милошевска, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм) и Пере (Нокаут).

После краткиот концерт, бадниковата поворка ќе тргне преку Камениот мост кон Соборниот храм каде што архиепископот Стефан ќе ги дочека и дарува коледарчињата.

Во тој период околу Соборниот храм ќе има и посебен сообраќаен режим.

Освен во Скопје, и во другите поголеми градови ќе се одржат кратки концерти на кои ќе настапат локални музички имиња и детски хорови.

Дел од местата и градовите каде ќе има бадникови поворки се: Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Крушево, Штип, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Битола, Ресен, Тетово, Гостивар, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Македонски Брод, Виница, Кочани, Св. Николе, Радовиш, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица, Валандово, Берово, Демир Капија, Велгошти, Дебарца, Враништа, Ростуше, Јанковец, Могила, Драслајца, Брвеница, Вратница, Банско, Ново Село, Зубово, Сушица, Ново Коњарево, Удово, Јосифово, Пирава, Грчиште, Марвинци, Балинци, Брајковци, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Илинден, Петровец, Чучер Сандево, Бардовци…

Back to top button
Close