Баерн Минхен и Нојер се разбраа за нов договор
Мануел Нојер и Баерн Минхен се договориле да го продолжат договорот со ветеранот до јуни 2026 година, објави новинарот на „Скај Германија“, Флоријан Плетенберг. По завршувањето на договорот, останува само официјално да се потпише договорот, по што ќе биде објавено од клубот, тврди и тој.
Ветеранот (38), кој ги пропушти последните неколку натпревари за Баварците поради повреда, останува решен да продолжи и е многу мотивиран да се врати од повредата на реброто. Ова се очекува да биде во новата година.
Од почетокот на сезоната славниот Нојер одигра 19 натпревари на кои 12 ја зачува мрежата сува, но почна и да дозволува се повеќе непрецизности. Сè уште е свежо сеќавањето на неговата грешка минатата сезона на реваншот против Реал Мадрид во Лигата на шампионите за првиот гол на Хоселу при израмнувањето на Шпанците.
Многу се разговараше и за настапите на голманот во поразите од Астон Вила и Барселона, исто така и на турнирот на најбогатите. Нојер неодамна го доби и првиот црвен картон во кариерата на натпреварот од Купот на Германија против Баер Леверкузен, а гигантот од Минхен потоа беше елиминиран од турнирот.
Во исто време, Баерн продолжува да размислува за иднината на голманската позиција. Во клубот се уште не се убедени дека Александар Нубел, кој е позајмен во Штутгарт, а е во сопственост на Баварците, е соодветен наследник на Нојер. Според „Кикер“, шефовите на Баерн размислуваат да ангажираат нов млад голман во текот на летото, кој ќе учи од Нојер една сезона и ќе се развива покрај него. Се споменува името на младиот 21-годишен голман на Келн, Јонас Урбиг.