„Багерите влегоа во 5 наутро“: Урната дивоградба во Инџиково
Општина Гази Баба продолжува со бескомпромисната борба против урбанистичкото дивеење. Рано утрово, уште пред да се раздени, општинската механизација започна со уривање на бесправно изграден објект во населбата Инџиково.

Градоначалникот Бобан Стефковски информираше дека акцијата започнала точно во 05:00 часот, по претходна координација и асистенција од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Ги искинале лентите и продолжиле да градат
Според информациите од терен, се работи за објект кој бил во фаза на карабина (приземје), но инвеститорот имал јасна намера да продолжи со градбата и да подигне уште еден кат. Причината за уривањето не е само немањето дозвола, туку и дрското игнорирање на инспекциските налози.
„И покрај донесеното решение од градежниот инспектор за стопирање на градбата и затворање на градилиштето, субјектот не постапил по решението и продолжил со градежни активности“, појасни Стефковски.
Апел до граѓаните: Не градете без дозвола
Првиот човек на Гази Баба испрати јасна порака дека толеранција за дивоградби нема да има, без разлика за кого станува збор.
„Законот ќе важи еднакво за сите“, дециден е Стефковски, кој упати апел до граѓаните да не започнуваат какви било градежни зафати без претходно да ја обезбедат потребната документација согласно законските прописи.






