Бакиу: Вреди е втора политичка сила, Ахмети да се повлече

Башким Бакиу од Вреди попладнево изјави дека Вреди се победници на овие избори. Кажа дека Вреди е втора политичка сила во Македонија.

Бакиу додаде дека Вреди е победник во 5 општини во првиот круг, во 6 оди во вториот круг.

„Убедливо победивме уште во првиот круг во Чаир, Арачиново, Сарај, Желино, Теарце, додека како победници одиме во втор круг во Тетово, Боговиње, Дебар, Струга, Долнени, а во Брвеница ќе бидеме во трка како втори. За жал, во општините Гостивар и Врапчиште не е постигнат потребниот цензус според одредбите на Изборниот законик, па за епилогот од процесот во овие 2 општини ќе се изјасни Државната изборна комисија“, рече Бакиу кој на изборите беше кандидат за градоначалник на Скопје од Вреди.

Посочи дека нивниот опонент, Националната алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ, победила во Пласница и во Липково, а оди во втор круг во Струга, Кичево и во Боговиње. Во Општина Чашка, како што рече, Вреди воопшто не учествуваше.

Тој ѝ порача на ДУИ дека треба да се реформира, а на лидерот на ДУИ, Али Ахмети да се повлече од лидерската позиција. Ги потсети и дека треба да го признаат изборниот пораз.

Back to top button
Close