„Балкан Инсајт“: Популарни личности ги збогатија претстојните избори за Балканот

Љ За претстојните избори во Северна Македонија, Србија и Хрватска, покрај со веќе проверени и познати партиски кадри, партиите своите кандидатски листи ги збогатија и со популарни личност од светот на спортот и културата, наведува „Балкан Инсјат“.

Сајтот истакнува дека некои, како хрватскиот фолк пејач Мирослав Скоро или српскиот актер Сергеј Трифуновиќ застанаа на чело на нови политички партии, а други познати личности, како оперскиот пејач Игор Дурловски во Северна Македонија, им се приклучија на постојните партии.

– Откако политичките лидери во Северна Македонија ќе се договорат за нов датум за предвремените парламентрани избори, кои првично беа планирани за 12 април, но ставени во мирување поради пандемијата со КОВИД-19, едно име сигурно ќе се појави како новина во политиката – оперскиот пејач Игор Дурловски, наведува „Балкан Инсјат“.

Порталот потенцира дека Дурловски е носител на листата на кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Петтата изборна единица, за кој вели дека иако е „етаблиран оперски пејач и поранешен директор на Македонската опера и балет, поголем дел од пошироката јавност не знаеше многу за него пред 2017 година“.

– Таа година, во време кога ВМРО-ДПМНЕ предводена од нејзиниот авторитарен лидер Никола Груевски се обидуваша да ја задржи власта и да ги спречи социјалдемократите да формираат нова Влада, Дурловски стана лидер на неформалното движење „За обединета Македонија“, кое со месеци организираше протести за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и против формирање новата влада. Кога протестите во април истата година доведоа до крвав упад на толпа во зградата на Парламентот, при што беа повредени околу 100 лица, меѓу кои и пратеници, камерите го регистирраа Дурловски во собраниската сала, како слави со толпата што упадна во зградата, наведува порталот.

„Балкан Инсјат“ додава дека „откако овој упад не успеа да го спречи формирањето на новата влада“, Дурловски заедно со уште околу 30 лица беше обвинет за „терористичко загрозување на уставниот поредок“,потсeтувајќи дека во судскиот процес тој се изјасни за невин и во март 2019 година беше единствениот осомничен што Судот го ослободи од сите обвиненија.

– Во општеството има поделени мислења за Дурловски. За неговите приврзаници тој е патриот кој застана против Договорот за имеот со Грција, што лидерот на социјалдемократите Зоран Заев го постигна во 2018 година. За оние, пак, кои не ги споделуваат неговите ставови, тој шири лажен патриотизам и е лицемерен, додава сајтот.

„Балкан Инсјат“ наведува и дека „повеќето истражувања спроведени од почетокот на годината покажуваат дека владејачките социјалдемократи имаат мала предност во однос на опозициската ВМРО ДПМНЕ“.

Во Хрватска, покрај споменатиот Шкоро, кој по освоеното трето место со 13,5 отсто гласови на ланските избори за хрватски претседател го формира националистичкото Татковинско движење (ДП), кандидат за пратеник е и фронтменот на групата „Хладно пиво“, Миле Кекин на листата на еколошко-левичарската коалиција предводена од партијата Нова левица.

Во Србија пак актерот Сергеј Трифуновиќ застана на чело на Движењето на слободните граѓани (ПСГ), а владејачката Српска напредна партија (СНС) на своите листи за пратеници и членови на општинските собранија, вклучи повеќе познати личности од светот на културата и спортот, меѓу кои и виолинисттот Јован Колунџија, пијанистот Иван Тасовац, оперската певица Јадранка Јовановиќ, кошаркарот Ѓорѓе Гагиќ, пејачките Весна Змијанац и Неда Украден, текстописецот Марина Туцаковиќ и актерот Бранко Миличевиќ, попознат како Бранко Коцкица.

Хрватскиот комуниколог Анкица Мамиќ оценува дека познатите личности со политичкиот ангажман може да освојат големи придобивки за себе, но и за политичките платформи за кои се залагаат.

– Секој ќе добие нешто. Прашањето е што ќе добијат гласачите. Кога ќе ставите некого на листите кој е ангажиран и кој се занимавал со некои социјални проблеми или некој вид активизам, тоа е едно, но друго е кога (на листите) ставате луѓе само затоа што се познати, вели Мамиќ.

Таа истакнува дека иако до неодамна беше незамисливо некој што нема политичко искуство да дојде на високи државни позиции, „сега е можно, па дури и во Америка“.

„Балкан Инсајт“ нагласува дека постојат и други примери за вклучување на познати личности во политиката и во поблиското опкружување на Балканот.

– Словенија до неодамна премиер беше Марјан Шарец, комичар кој стана политичар, а на другата страна на Европа, поранешениот комичар Володимир Зеленски, сега е претседател на Украина, додава сајтот.

Back to top button
Close