Балканската архаика и вештачката интелигенција
Во едно интервју за познат германски неделник, еден американски научник предупредува дека доколку продолжи да се развива со вакво брзо темпо, вештачката интелигенција може по десет години да го „истреби” човештвото. Си помислив, Хана Аренд имаше право, злото е банално. Бидејќи само доброто има длабочина. Злото е секогаш маска и лага.
Истиот научник вели дека само за една-две години вештачката интелигенција ќе го достигнела нивото на човечката интелигенција. Се прашувам, која човечка интелигенција?Таа на просечниот корисник на социјалните мрежи? Ако „урнекот” е интелигенцијата на просечниот корисник на дигиталната технологија, која социјалните мрежи денес ја хранат со анахрони и апсурдни теории на заговор и лажни вести, тогаш не е тешко таа интелигенција да се надмине од „совршено паметна машина”, зашто просечниот дигитален корисник, се чини, сака да биде манипулиран.
Социјалните мрежи на Балканот – панаѓур на национални гордости
Освен тоа, американскиот научник истакнува дека вештачката интелигенција го променила светот покоренито одошто индустриската револуција во 19-от век. Во овој монтекст, состојбата на Балканот, воопшто, на постсоцијалистичките земји (дури и кога се ЕУ-членки) укажува на еден чуден парадокс на најсовремената технологија. Имено, истата дигитална технолигија, која со ВИ очигледно го променила светот покоренито од индустриската револуција од 19-от век, манипулира со просечните корисници на интернетот, враќајќи ги во мисловната матрица на нацијата од 19-от век, за чие надминување беше создадена ЕУ и нејзината стратегија. Искушението на нашето време, всушност, е во тоа што истата вештачка интелигенција неретко се ползува и за „производството” на лажни информации кои само ги заглупуваат луѓето. Затоа што луѓето, сепак, не се машина, иако се интелигентни суштества. Тоа во особена мера важи за балканските народи. Бидејќи машината „мисли” по законите на разумот и логиката, а просечниот балкански човек некритички ја „голта” секоја пропаганда, дури и кога веста му противречи на здравиот човечки разум.
Зошто пропагандата со теории на заговор и лажни вести не го активира разумот, логиката и критичкото мислење, туку човечките инстинкти, чувства, ирационални стравови и предрасуди? Затоа што луѓето може најдобро да се манипулираат со сугерирање на страв и со будење на ненадминати трауми. Со оглед на сложената балканска историја, нема народ на овие простори кој во колективното паметење нема доживеано неколку војни, националните порази и загуби на домот и татковината. Затоа што балканските народи обично не се соочуваат со сопственото минато и не ги надминуваат траумите од него, тие често слепо им веруваат на апсурдните теории на заговор и пропагандите против соседните народи, само затоа што нивното минато во одредени периоди било трауматично токму поради соседните народи. Врз сликата за балканскиот сосед често се пројицираат сопствените ненадминати историски трауми и порази. Едните, доколку во минатото биле агресори, соседот ги потсетува на национален пораз и на потиснат срам, а другите, тие кои биле жртва на агресијата, истиот сосед ги потсетува на чувството на жртва и на немоќ. Затоа и едните и другите не му веруваат на својот сосед, затоа што во себе имаат ненадмината негативна слика за него. Таа, најчесто, нема врска со денешната реалност, но бидејќи одбиваат да се соочат со минатото, балканските народи порадо им веруваат на пропагандите. Во ваква сложена констелација, на пример, се наоѓаат Бугарите и Македонците. Тие не можат да зборуваат рамноправно за најблиското минато, тоа од Втората светска војна, што, всушност, би било во европскиот дух на помирување, па затоа бегаат во средниот век или во времето на револуционерната борба против Османското царство, која притоа накнадно ја „романтизираат”. Колку подалеку во минатото, толку поархаично – тоа е максимата на Балканот! Затоа социјалните мрежи на Балканот се панаѓур на национални гордости и натпревар во говор на омраза. Македонците и Грците на социјалните мрежи ги „кршат копјата” за тоа што бил Александар, Грк или Македонец. Да размислуваа според законите на разумот и логиката, тие ќе ги разгледуваа неутрално научните факти.
Виртуелниот свет – пореален од реалниот
Иако ВИ нема чувства (барем засега, велат научниците!), кога таа се злоупотребува за лажни вести и пропаганда, таа кај корисниците ги разгорува националните чувства, националната гордост, љубовта за своите и омразата кон туѓите. Човештвото отсекогаш паѓаше пред искушението на моќта и на апсолутната власт, затоа што луѓето не се машини, туку суштества чие мислење и чувствување е повлијаено од страсти и чувства, од љубов и омраза, од свесни и потсвесни одлуки. Демонското во однесувањето на новите центри кои ја злоупотребуваат и ВИ за своите цели, е истото зло како и во старите авторитарни времиња. Само што тогаш пропагандата манипулираше со луѓето со помош на тогашните технологии – книгите, радиото, весниците и образованието. И тогаш, во раните триесетти на дваесеттиот век, нацистичката пропаганда го ширеше антисемитизмот преку памфлети како „Протоколите на мудреците од Сион”, а тие и денес се вртат на социјалните мрежи. Денес сите стари фашистички и империјални пропаганди се нудат на севозможни портали. Тоа ги фанатизира корисниците, чија жед за вакви пропаганди ја поттикнуваат екстремните политички партии. Во дваесет и првиот век на дигиталната технологија, реакционерната балканска пропаганда го архаизира човекот, поттикнувајќи ја во него желбата за лична величина преку се индентификација со големите императори и со нивните царства. Тоа не им помага да ја надминат тажната реалност, но,сепак, делува кратко како седатов, како заборав на себеси. Токму затоа што најголемиот број од корисниците на социјалните мрежи и дигиталните портали, особено во постсоцијалистичките земји,имаат чувство дека ја изгубиле стабилноста која им ја нудеше социјалистичката идеологија. Тој идеолошки и психолошки вакуум на Балканот се „полни” со идеализираната слика за големите, изгубени национални средновековни и антички царства. Луѓето не ја препознаваат „виртуелноста” и ирационалноста на таа фиксација во далечното минато, затоа што тие веќе прифатиле да мислат дека виртуелната реалност е идентична со вистинската реалност.
Виртуелниот свет станува пореален од реалниот. Тоа е парадоксот што го живееме. Совршената, најмодерна дигитална технологија со забрзано темпо создава „вештачки ум” кој ќе го надмине човечкиот. Во исто време, истата дигитална техника го шири одамна надминатиот (барем како што досега верувавме) антицивилизаторски и фашистички дух. За мене тоа говори дека не е „опасна” за човештвото технологијата сама по себе, туку целта за која човекот ја ползува. Кога дигиталната технологија како платформа за вести и информации не ја поттикнува човечката интелигенција, туку омразата кон различните, биле тие соседните народи или етнички поинаквите во своето општество, тогаш таа станува анахроно орудие во рацете на антицивилизаторски центри на моќ. Додека со молскавично темпо се развива дигиталната технологија како ВИ, голем број од нејзините корисници регресираат во инфантилна пасивност. Најмодерната техника може постојано да ги разбудува најпримитивните инстинкти, а како доказ за тоа е доволно да ги прочитате коментарите на просечните читачи на социјалните мрежи. Во таа смисла, дури и кога би биле точни прогнозите дека ВИ по десет години може да го „истреби” човештвото, за тоа нема да биде причина модерната технологија, туку човечката глупост, човечката злоба и омраза, како најтрагичниот израз на самодеструктивност. (Dw)
Кица Колбе