Балкански барометар 2021: 72 отсто од граѓаните на РСМ не веруваат дека законите важат за сите

Дури 72 отсто од граѓаните на Република Северна Македонија (РСМ) не веруваат во целост или делумно дека правната држава и законите подеднакво се применуваат за секого во државата, покажа годишното истражување  Балкански барометар 2021 година (ББ 2021), спроведено од Регионалниот совет за соработка (РСС).

На прашањето дали мислите дека законите се применуваат за секого подеднакво, 45 отсто велат дека не се согласуваат со констатацијата целосно и дополнителни 27 отсто велат дека повеќе не се согласуваат отколку што се согласуваат. Од шесте држави на Западен Балкан каде се спроведува истражувањето, полошо стои само Босна и Херцеговина(БиХ), каде што 76 отсто од граѓаните не веруваат дека законите важат за сите, додека бројот на скептици на ниво на Западен Балкан изнесува 66 отсто.

Како голем проблем за сите граѓани на Западен Балкан е посочена корупцијата и од 13 наведени категории, како најкорумпирани граѓаните ги издвојуваат политичките партии (78 отсто), судството (76 отсто), царината (75 отсто), здравствените услуги (74 отсто) и парламентите (71 отсто).

Во РСМ, како најкорумпирано е издвоено судството со перцепција на граѓаните од 81,1 отсто, што е сепак намалување од процентот во 2019 година, кога според истражувањето таа перцепција изнесувала 89 отсто. Зад РСМ е само БиХ, каде што 82.7 отсто го сметаат судството за најкорумпирана гранка во државата. Истражувањето за перцепцијата за независноста на институциите од политичко влијание, покажува дека 75 отсто од граѓаните на РСМ сметаат дека судството е под политичко влијание во целост или делумно, што е зголемување за 20 отсто во однос на 2019 година, кога тој процент изнесувал 50 отсто. Зголемување на перцепцијата за независност на судството е најголемо во Црна Гора, каде што недовербата опаднала од 82 на 60 отсто.

Што се однесува до довербата кон процесот на зачленување во ЕУ, таа пораснала на 62 отсто на ниво на Западен Балкан во однос на 59 отсто во споредба со 2019 година (ББ 2020), додека во РСМ тој процент на поддршка изнесува 53 отсто, а најмал е во Црна Гора со 51 отсто и Србија, со само 42 отсто.  Во однос на Регионалната соработка забележан е драматичен пораст, бидејќи дури 77 отсто од испитаниците на Западен Балкан веруваат дека таквата соработка може да им помогне во решавање на политичките, економските и безбедносните прашања на нивните држави. Во РСМ тој процент на поддршка за регионалната соработка изнесува 72 отсто.

Ова се само дел од податоците на седмиот по ред Балкански барометар што денеска беше претставен на он-лајн презентација во Тирана. Балканскиот барометар се спроведува секоја година врз 6000 испитаници од 6 земји на Западен Балкан, а истражувањето е спроведено од декември 2020 до февруари 2021 година, при што испитаниците одговорале лице-в лице, по пат на компјутер на преку 120 прашања зададени од Регионалниот совет за соработка. Главните податоци ги соопшти генералната секретарка на РСС Мајлинда Брегу, по што следуваше панел дискусија која ја водеше новинарот на Економист Тим Џуда, а во која учествуваше и економистот Бранимир Јовановиќ, како претставник на Виенскиот институт за економија.

Back to top button
Close