Балкански Барометар2022: Голема поддршка за регионална соработка, опаѓа довербата кон ЕУ

 

Поддршката за регионална соработка и меѓу граѓаните и меѓу бизнис заедницата на Западен Балкан е голема, додека довербата во ЕУ опаѓа, исто како и неверувањето дека некоја од земјите би станале членки на ЕУ .

Ова беше кажано денеска во Брисел на презентацијата на две респектабилни истражувања спроведени на над 6000 илјади граѓани и над 1200 бизнисмени, „Балкански барометар 2022“ и „Секјируметар 2022“, што редовно ги спроведува Советот за регионална соработка (РСС) од 2015, односно од 2021 година.

Околу 76 отсто од граѓаните и 69 отсто од бизнисмените ја поддржуваат регионалната соработка и веруваат дека им големо значење во подобрување на политичката, економската и безбедносната состојба во нивните земји. Во истовреме, за прв пат по 2015 година опаѓа поддршката за членство во ЕУ и таа изнесува 60 отсто за Западен Балкан, во РСМ таа е уште пониска, изнесува 56 отсто, додека дури 28 отсто од испитаниците не веруваат дека нивната земја било кога ќе стане членка на ЕУ, што е зголемување во споредба со една година порано од 6 проценти.

Дури 67 отсто од младите на Западен Балкан на возраст од 18 до 24 години размислуваат да ја напуштат својата земја и да работат во странство, изјави генералната секретарка на РСС Мајлинда Брегу, презентирајќи ги податоците. На тоа се надоврзува и податокот дека 37 отсто од испитаниците веруваат дека доброто образование и квалификациите се најважни да се најде работа, додека 35 отсто од нив сметаат дека личните и семјените контакти со луѓе на високи позиции се најважни за наоѓање работа.

Откако е воведен бесплатен роаминг меѓу земјите од Западен Балкан лани во јули, сообраќајот во роаминг пораснал за 500 посто, додека 43 отсто од бизнисмените се изјасниле дека тоа имало позитивен импакт во нивниот бизнис, рече Брегу, додавајќи дека во тек е дијалог со ЕУ за големо намалување на цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.

Во однос на корупцијата, дури 83 отсто од испитаниците изјавиле дека најкорумпиран сектор е судството, што е зголемување од 7 отсто во однос на минатата година, а 57 отсто од граѓаните изјавиле дека не би пријавиле корупција, верувајќи дека тоа не би довело до истрага, се наведува во „Секјурмитерот 2022 г.“. Зголемување на корупцијата има и во здравството, бидејќи 20 отсто изјавиле дека дале мито, што е зголемување за 6 отсто во однос на претходната година.

Како закана за безбедноста, дури 72 отсто од испитаниците го перцепираат домашното или семејното насилство, додека 40 отсто сведочеле на таков настан.

Дезинформациите како голема безбедносна закана ја доживуваат 74 отсто од испитаниците, а за 46 отсто од луѓето на Западен Балкан, новинарите се најголеми ширачи на дезинформации.

Триесет и три отсто од испитаниците не се задволни со безбедносната состојба во регионот, а 20 отсто веруваат дека таа ќе се подобри во текот на наредната година. Во истовреме, 12 отсто од испитаниците изјавиле дека размислуваат да набават оружје, што е зголемување од 6 отсто споредено со 2021г., се наведува во податоците од „Секјуриметарот“.

Истражувањата се направени од средината на февруари до средината на март 2022 година на примерок од над 6000 граѓани од Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Северна Македонија, и Србија, кои одговарале на 109 прашања, додека анкетата со бизнисмените опфатила 1200 претприемачи или менаџери, кои одговарале на 177 прашања.

Back to top button
Close