Балкански фалби и ЕУ-цинизам
Секоја поголема криза во последната деценија на различни начини предизвика длабоки поделби во Европа, како меѓу земјите членки, така и во секоја од нив одделно. Должничката криза ги подели еворпскиот југ и север на должници и доверители. Поделбите уште повеќе се заострија со мигрантската криза, а сериозно се почувствуваа и со нарушена солидарност и затворени граници во екот на пандемијата.
Резулатат на сето тоа е дека кризите ја еродираа довербата меѓу Европејците, најмногу меѓу младите, во политичките системи на нивните земји, а што би можело да биде проследено со последици за иднината на демократијата. Една од тие воочливи последици, според најновото истражување на Центарот за иднината на демократијата во Кембриџ, е појава на силен цинизам меѓу младите во Европа. Младите се сè помалку склони да покажат доверба во политичките одлуки на владите.
Но едновремено се прават напори да се укаже и на појава на друг вид европски цинизам. Поделбите и разидувањата во ЕУ се одразија негативно и на други процеси кои во изминатите децении силно го симболизираа и суштински го определуваа курсот на евроинтеграциите. Веќе подолго време ниеден посериозен европски авторитет воопшто не го ни споменува натамошното ЕУ-проширување. Процесот што води кон прием на нови членки во европското семејство се чини е целосно „зарибан“ по блокирањето на преговрите за членство со Македонија и Албанија.
Тоа е политички цинизам, смета албанскиот премиер Рама, обвинивуајќи ги шефовите на држави на Европската унија за блокирање на пристапот на Албанија и Македонија во Унијата. Уверување на Рама е дека станува збор за цинизам, затоа што ЕУ ги прекршила своите ветувања и „води неединство меѓу народите на Балканот“.
Впечаток е дека е Еди Рама е секако во право, имајќи предвид дека Бугарија како членка на ЕУ, со ставање на вето за почеток на пристапните преговори на Македонија за членство, тврдо ја спушти рампата пред европскиот пат на Западен Балкан. Претседателот на Бугарија со неверојтана леснотија продолжува да тврди дека „Бугарија е најзаинтересирана Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ, но да ги исполни своите обврски“. Но зарем има поголем цинизам од страна на соседна држава, да бара, за да ве пушти во заедничкиот дом, да ја корегирате својата историја, да прифатите поинкаво потекло на сопствениот јазик, и да се согласите да направите неопходни промени во учебниците, книгите, и во медиумите, што значи да направите изнудени промени во повеќегенерациското сфаќање на сопствениот национален и историски идентитет.
Но една работа е европскиот цинизам кој им се припишува на моќните во Европа и на Брисел, а друго нешто е кога тоа ќе се обидете да го ставите во сооднос со неумерените фалби за балканските постигнувања во регионот, кои не се ценат и вреднуваат на соодветен начин. Виктор Орбан на Стратешкиот форум во Блед ја прогласи Србија за „клучна земја за ЕУ“. Таа дури повеќе им значи на европските земји, отколку што членството во ЕУ би и значело на самата Србија, и тоа поради геополитиката, смета унгарскиот премиер. Можеби Орбан тука гледа и потенцијални можности за ново „складирање на бегалци“, доколку очекуваното цунами од авганистански мигранти тргне кон Европа преку балканската рута, а откако Турција јасно стави до знаење дека одбива повторно да прифати таква улога. Унгарија, со својата надворешна ЕУ-граница, директно се вкрстува со балканската бегалска рута. Орбан, кој упорно одбива разговор за прифаќање какви било бегалски квоти, сигурно не би сакал неговата земја повторно да се најде на директен удар под силен мигрантски притисок.
ЕУ се соочува со крупни проблеми во чија сенка прашањето на проширување со нови членки само се поттурнува од една во друга фиока во Брисел. Заев и Рама тврдат дека и Македонија и Албанија ги исполнуваат речиси сите неопходни услови за вистински да го започнат процесот на преговори со Брисел, без оглед што постојат многу барања што „мора да ги исполниме за да станеме членки“. Но кога ќе се исполнат таквите барања, и во колкава мера балканските земји се прославија во изминатиот тридеценски транзисциски период со своите реформски напори, за тоа помалку се зборува.
Еди Рама не зборува, на пример, за фактот дека Албанија и понатму е европска земја со најголем број регистрирани азилантски барања во ЕУ, посебно во Франција и некои други членки. „Лажни“ азиланти, впрочем, не се реткост и од другите балкански земји. И низ други прашања, поврзани со борбата против корупцијата и криминалот, злоупотребата на службни функции, функционирањето на судството, на економската модернизација, на дигитализацијата на услугите во јавниот сектор и во други сфери во општетсвото, за да им се олесни секојдневието на граѓаните, а не да чекаат со часови, недели и месеци, да добијат најобични доменти и решенија, се оставаат за подобри времиња. Само да ги започнеме преговорите со ЕУ, па за другото ќе видиме. Но времето поминува незапирливо, а со него и животите на цели генерации, без оглед дали ќе попушти или не скепсата во ЕУ да го прими Балканот во своја прегратка.
Кога пред петнаесетина години ЕУ засилено се прошируваше многумина ги сметаа за претерани страхувањата дека новите членки, кога членството ќе стане факт, нема да бидат повеќе заинтересирани за реформи во однос на демократијата, човечките права, корупцијата и почитувањето на ЕУ-регулативата. Таквите страхувања сепак се остварија во последните години, преку постепеното демонтирање на демократските стандарди во некои источноевропски земји, пред сè во Унгарија и Полска.
Земјите аспиранти за членство апослутно не покажаа подобри резултати на реформиски план. „Само се зборува, но ништо не се случува“, вели Рама, како во драмата на Семјуел Бекет, „Чекајќи го Годо“. Ова прочуено дело предизвикало најразлични анализи, но бројните обиди да му се прикачи некоја одредена насока или толкување завршиле неуспешно. „Помалку“, велеше самиот Бекет, не тера да бараме “повеќе“.
Ивица Челиковиќ