Балканскиот културен империјализам

Кица Колбе

Млад човек држи воп раце транспарент на кој пишува – Ова е Македонија Млад човек држи воп раце транспарент на кој пишува – Ова е Македонија

Во сликата за себе и за својата нација кај соседите на Македонија, нема место за емпатија со неа затоа што нејзината територија од нив била неколкупати освојуванаФотографија: picture-alliance/dpa

Според израелскиот историчар, Јувал Ноа Харари, специјалист за војните во Средниот век, светот се враќа во тоа, според нашата историска перцепција, многу мрачно време. Политичарите одамна се однесуваат како средновековните кнезови и кралеви. И кога се претседатели на најмоќните земји, денешните политичари се однесуваат не само кон законите на сопствената земја, туку и кон тие во меѓународната политика, како да се семоќните средновековни кралеви кои стојат над законот. А затоа што тие не се од кралски лози, не се викаат повеќе Хенрих VIII, туку Трамп или Путин. Според Харари денешните диктарори не се како Хитлер или Сталин кои владееја со помош на одредена идологија. Тие владеат со силата на култот на својата личност, а политичкото кредо го менуваат кога ќе им текне, што многу не ги загрижува бирачите за да ги изберат повторно. Според Харари, тоа што е карактеристично за модерните автократи, американски или руски, е фактот што не се чувствуваат обврзани од никакви важечки закони за суверенитетот на државите или од меѓународното право.

 

Најголемиот број гласачи на модерните автократи не се загрижени за моралниот интегритет на политичарите, се‘ додека тие им помагаат да сонуваат за моќ и слава на својата нација. Глобалниот свет им ја одзема на просечните граѓани заштитеноста во „големата нација”. Тие, одеднаш, останаа „голи”, без штитот на „големата светска сила”, зашто ја изгубија матрицата за сопствена идентификација во која беа воспитувани со векови. За жал, секој импус што потекнува од чувството на немоќ, изгубена слава и повредено национално достоинство, во историјата беше инструментализирано од фашистите и од диктаторите. Според мое мислење, пропаѓањето во предмодерни времиња се должи токму на ненадминатиот културен империјализам и колонијализам, особено кај земјите кои порано се нарекуваа „Големи сили”. Тој империјализам порано го пратикуваа и неколку стари европски нации, но се чини дека тие во долгото членство во ЕУ го надминаа овој синдром.

 

Средновековни и нововековни наративи за „големите нации”

Од друга страна, по распаѓањето на Југославија, а особено по распаѓањето на Советскиот Сојуз и на Варшавскиот пакт, еуфоријата за демократијата траеше многу кратко, политичарите станаа преку ноќ олигарси, а обичните луѓе сиромашни, без стариот идеолошки компас, со чувство на национална инфериорност. Тоа чувство го исползува популизмот на политичарите, кои ги разбудија новите стари културни и политички империјални соништа на малечките балкански и источноевропски земји. Кога се распадна стакленото ѕвоно под кое тие земји вирееја во Варшавскиот пакт, откако брзо ги „изгустираа” плодовите на европската демократија, тие брзо се вратија на своите средновековни и нововековни наративи за „големите нации” и за сето тоа што го посакувале, но го изгубиле во минатото. Војната во Украина е последица на повторното будење на рускиот културен империјализам, за жал, силно поддржан од РПЦ во доктрината на „рускиот свет”.

 

Империјална невиност

Поимот на културниот империјализам потекнува од постколонијалната дебата од деведесеттите и почетокот на новиот милениум. Иако таа дебата го постави под лупа стариот европски колонијализам во однос на земјите на Третиот свет и детектираше многу важни феномени, во земјите на некогашниот Источен блок, но и на Балканот, таа дебата отсуствуваше. Затоа и никогаш не беше поставена под лупа историјата на културниот империјализам во минатото на овие народи. Напротив, речиси сите источноевропски и балкански народи, кои во минатото имале империјални стремежи кон своите соседи, никогаш не помислија да ја отворат и во своите научни и културни средини современата дебата за сопствениот колонијализам. Напротив, по пресвртот во 1989, тие земји почнаа да се култивираат самите како жртви на историјата.

 

Карта на Западен БалканКарта на Западен Балкан

На Балканот никогаш не се проблематизираше однесувањето на сопствениот народ во минатото и во односот кон соседитеФотографија: Ulrich Zillmann/FotoMedienService/picture alliance

Незвисно дали успеале да ги остварат своите империјални соништа, тие денес не помислуваат дека нивните нации имаат одговорност за страдањето на населението во војните за своите замислени „големи држави”. Секако, нема колективна вина за минатото, но има колективна одговорност. Македонија, на пример, е палимпсест од трагите од империјалните соништа на соседните земји, но ниту една од нив не пројави чувство на одговорност за нив. Активното одбивање на овие држави и нивните народи, самите да се сознаат како агресор во империјалните војни за територии во минатото, денес се нарекува „империјална невиност”. Тој синдром е секогаш поврзан со инсценирањето на сопственото минато како херојска борба, полна со страдање, жртви и херојски датуми, со што се гради култот на својата нација како жртва. Токму затоа тие народи немаат сензибилитет да сознаат дека кога тие и ден-денес, некогаш како членки на ЕУ, ги слават како државни празници датумите кои се поврзани со нивните империјални соништа или со загубите во војните за нивното остварување, тоа е еклатантен пример за културен империјализам.

 

За жал, во ваквата слика за себе и за својата нација кај соседите на Македонија, нема место за емпатија со неа затоа што нејзината територија од нив била неколкупати освојувана. Французите и Германците го согледаа страдањето на обичното население во покраините Елзас и Лотрингија, кои во неколку војни беа „јаболкото на раздорот” меѓу нив. Денес во овие покраини се говорат двата јазика, францускиот и германскиот, кои порано по секое ново освојување биле забранувани од едниот или од другиот „ослободител”. Можете ли да си замислите такво нешто на Балканот? Секако не, зашто на Балканот никогаш не се проблематизираше однесувањето на сопствениот народ во минатото во војните и во односот кон соседите.

Ретки се и руските интелектуалци, дури и кога се дисиденти, кои се соочуваат критички со руското минато и говорат за одговорноста на Русија за војните и за етничките чистки во нејзинaта историја. Најкритичните руски интелектуалци, емигрирани на Западот, биваат нападнати од многу либерални руски интелектуалци, затоа што самите се воспитани со претставата за нивната „велика нација” и немаат сензибилитет за овие прашања. Анастасија Тихомирова, новинарката на „Ди Цајт“ со руско потекло, пишуваше оваа недела во својот есеј „Путин е исто само една творба на Русија”, дека дури многу Руси кои себеси се разбираат како опозиција на Путин, молчат за потребата од критичко соочување со одговорноста на Русија за актуелните и за минатите војни. Таа ги вбројува во тие војни, покрај актуелната агресија против Украина, и двете војни во Чеченија во 1990 и 2000, како и депоратцијата на индигените народи, како Калмуките во 1940, „Голодомор”, геноцидот со глад во Украина, во регионот на Волга и во Казахстан во 1930-те, но и геноцидот врз Черкезите. Таа истакнува дека во Русија нема таква „култура на сеќавање” како во Германија, со која во сето општество, но особено во историските читанки, се потсетува на страдањето на жртвите на националсоцијализмот. Тихомирова истакнува дека во Русија постојат „Закони за сеќавање”, но такви кои, на пример, забрануваат да се зборува за пактот меѓу Сталин и Хитлер или за војната во Украина.

Да имаше модерна култура на сеќавање на Балканот, а и свест за одговорноста кон соседите поради окупациите на нивните територии од предците, соседите на Македонија од чувство на одговорност, како Германците кон своите соседи, ќе и‘ помагаа на Македонија што побрзо да стане членка во ЕУ, без вета и условувања. Дури не се промени менталната матрица на самоперцепцијата кај соседните народи на Македонија, таа нема да има среќа тие да се однесуваат како Германци на Балканот, кои станале свесни за својата сопствена историска одговорност.(dw)

Back to top button
Close