Балканскиот рис оживува на Козјак: Патувачката изложба го претставува најреткиот предатор во Македонија


Рано наутро во Планинскиот центар „Гризли“ на Козјак е тивко, само шушкањето на шумата и песната на птиците го нарушуваат мирот. Но, вистинската ѕвезда на денот не е ниту сонцето, ниту тишината – туку еден од најтаинствените предатори на Балканот: балканскиот рис. Следните две недели во Природниот резерват „Јасен“, е отворена патувачката изложба посветена на овој критично загрозен вид, со помалку од 50 возрасни единки во Македонија.

Изложбата претставува внимателно селектирана серија од 21 фотографија, создадена во текот на долгогодишните напори за закрепнување на популацијата на рисот. Најголем дел од фотографиите се направени со фотозамки, прикажувајќи ја неговата мистична убавина, ранливост и значење за природното и културното наследство на регионот.

Како што подолг период посочуваат од Македонското еколошко друшвто, балканскиот рис се соочува со сериозни закани – од загуба на живеалишта и криволов, до ниска генетска разновидност. Изложбата има за цел да ја подигне свеста за овие ризици и да поттикне грижа и заштита на еден од најретките предатори во Европа.

Патувачката изложба веќе посети повеќе значајни локации низ Македонија:

-Национален парк Маврово, Инфо‑центар

-Тетово, Национален парк Шар Планина

-Галичник, хотел „Неда“

-Ресен, Дом на културата „Драги Тозија“ (Ресенски Сарај)

Во следниот период изложбата ќе продолжи да патува на нови локации, носејќи со себе приказни за еден од најретките предатори на Балканот. За сите љубители на природата и фотографијата, ова е можност да се види балканскиот рис одблизу – без да се вознемири во неговото природно живеалиште.

Back to top button
Close