Балканските бездомнички

Зошто женските деца сè уште се дискриминирани при поделба на наследство?

Седам во удобноста на мојот дом изграден на имот што ѝ беше оставен во наследство на мајка ми од страна на нејзиниот татко. Точно знам колку ова парче земја ни беше значајно и потребно и колку маки ќе требаше да претрпиме да го немавме.

Жените, особено на Балканот, од, што би се рекло, старите времиња, се третирани како роба што треба да се продаде или предаде при брак. Самите свадбени традиции ја третираат жената како нешто што се зема од домот и се отцепува од фамилијата продадена за онолку пари колку што ќе собере во нејзините невестински чевли. Ќерката ќе ја омажиш во добра фамилија, ќе се пресели кај сопругот и твојот дом ќе остане твој. И на синот/синовите, секако. Жените одат во туѓа куќа, излегуваат од дома и градат нов живот, како да нема каде да погледнат наназад. Машките деца се оние кои го наследуваат имотот, бидејќи тие дома ќе донесат невести. На тој начин, наводно, сите си имаат свој дом, но на чело со мажи.

Девојчињата од мали нозе се подготвувани за овој „свечен чин“. Кога ќе те мажиме? Кому ќе те дадеме?, се стандардни прашања со кои се растат девојките. Тоа традиционално и симболично предавање премногу често се преведува и во самите општествени уредувања, па жените се оставени без нималку имот на свое име. Велат дека имотот треба да остане во фамилијата, на некој што го носи презимето. Жените се оставени со празни раце и на милост на своите сопрузи и нивната имотнина. Мажите се третирани како подостојни за да бидат сопственици на имотот, а жените се лесно отфрлени од тестаментите и принудени да се откажат од своето законско право на наследство.

Според статистика од Министерството за правда од 2019 година, процентот на жени сопственички и косопственички на имот е само 27 %, и тоа е во пораст од само 10 % изминатите шест години, и како таков е највисок прогрес на Балканот. Жените поседуваат помалку од 20% од земјиштето во светот. Истражувањето на 34 земји во развој на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации вели дека во тие земји тој процент е дури 10%. Ова е запрепастувачки ако земете предвид дека половина од светската популација се жени. Битката е бавна и тешка. Секојдневно жени се борат за она што законски им следува. Секојдневно жени поминуваат време во небезбедни домови со насилни партнери бидејќи немаат имот на свое име каде што можат да се преселат, да се вратат, да избегаат… Но, жената не би требало да е во насилна врска или брак за да стане јасно зошто е потребно и жената да има право на имот.

Се чини дека сè повеќе луѓе разбираат дека дискриминацијата на децата при поделба на наследство врз база на нивниот род е апсурдна пракса. Во тој контекст, прочитав коментари на активна кампања на оваа тема во Црна Гора од страна на невладината организација „Сигурна женска куќа“, каде што покрај искажаната поддршка, има и луѓе што се смеат и прашуваат: „Зарем тоа уште постои? Јас мислам дека одамна сите знаеме што е правилно.“ Но процентите покажуваат дека има огромен број на жени од урбаните средини коишто не добиле имот.

А пак во руралните средини каде сè уште јасно важи правилото дека наследството се остава на мажите, состојбата е уште полоша. Во случај да нема синови во семејството, тоа ќе биде оставено на машки роднини. И во случаи каде се дава нешто на девојчето или девојчињата во фамилијата, тоа многу ретко е рамноправно со братот или браќата. Според едно истражување од Националната федерација на фармери „во руралните области, само 4% од жените се носители на сопственички права, обично откако ќе станат вдовици. Се смета дека жената ќе го „однесе“ имотот што го наследила во друга куќа кога ќе се омажи и средствата нема да останат во семејството. Традицијата налага дури и ако на жената ѝ се понуди дел од имотот, таа да го одбие.“ Се случува и жената да добие еднаков дел од нивата, но во делот на братот да биде и куќата. Велат тој останал во таа куќа цел живот, заслужува да биде негова.

Жените од руралните средини во коишто оваа пракса е повеќе од вообичаена сè уште се оставени целсоно да зависат од своите сопрузи. Жените пред законот немаат право да одлучуваат што ќе се случи со одреден имот, бидејќи тој е во сопственост на нивниот сопруг, а тие свое немаат ништо. Во многу случаи при смрт на сопругот жената е повторно оставена на милост и немилост на фамилијата на сопругот која често знае да пројави желба за имотот, бидејќи не е на име на сопругата. Па потоа следат долгогодишни спорови по судови кои најчесто одат бавни и чинат пари. Жената во пракса е лишена од правда, иако законот за наследување јасно вели дека првиот наследен ред го сочинуваат потомците на оставителот и неговиот брачен другар.

Дискриминацијата на женските деца е далеку од истребена. До кога жената ќе биде робинка на мажите во нејзиниот живот коишто одлучуваат во нејзино име? Пишувајќи на темава, се сетив на трагикомичен разговор кој неодамна го имав со мојата единствена сестра во кој се потсетивме на блиското минато и заклучивме дека нашиот татко попрво ќе нè остави бездомнички отколку да ни го подели тоа што е праведно наше. Откако тој го продаде домот во којшто израснавме, ни кажа дека парите коишто ги тргнал настрана за нас ќе ни ги даде на нашите свадби. Времиња и услови што можеби никогаш нема да бидат дочекани и исполнети. А кога сестра ми му предложи таа да земе кредит од банка и да ја откупи куќата од него, тој ѝ се насмеа и реторички ја праша: „Што ќе ти е? Ти секако ќе си се омажиш негде.“

Back to top button
Close