Балтичките и скандинавските лидери дадоа поддршка за „неповратниот курс“ на Украина кон НАТО

Лидерите на осум скандинавски и балтички држави денеска изразија поддршка за „неповратниот курс“ на Украина кон НАТО и ЕУ преку заедничка декларација усвоена на регионалниот самит во Талин.
„Украина е партнер за стратешка безбедност на НАТО, кој директно придонесува за евро-атлантската безбедност. Ние го поддржуваме неповратниот курс на Украина кон целосна евро-атлантска интеграција, вклучително и членство во НАТО“, се наведува во соопштението на лидерите, потпишано во присуство на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претставниците на осумте земји порачаа дека сакаат да ја видат Украина во ЕУ „што е можно побргу“ и повикаа на отворање на преговарачките поглавја, без одложување, во текот на јуни и јули годинава. Според нив, украинското членство е клучна гаранција за безбедноста и на Украина и на Европа. Лидерите го поздравија и претстојното учество на Украина на самитот на НАТО на 7 и 8 јули во Анкара.
На маргините на самитот новиот летонскиот премиер Андрис Кулбергс и претседателот Зеленски потпишаа договор за соработка во одбраната, што на Летонија ѝ овозможува пристап до украинското искуство во заштитата од дронови. Летонија и другите две балтички земји, кои граничат со Русија, веќе со недели пријавуваат зголемен број навлегувања на дронови на нивна територија.
Преку видеоврска на самитот се вклучи и францускиот претседател Емануел Макрон, кој потсети на постојаниот ангажман на Франција и нејзиното воено присуство на истокот на континентот. Вчера, француски воени авиони „дасо рафал“, во рамките на мисијата на НАТО, соборија заталкан дрон над летонска територија.
– Русија доживува неуспех во Украина. Тоа покажува дека нејзините територијални и стратешки претензии се залудни. И покрај тоа, таа продолжува да ги провоцира соседите во обид да излезе од ќор-сокакот – изјави Макрон порачувајќи дека сојузниците заеднички ќе се соочат со тоа.
На самитот во Талин учествуваа шефовите на владите на Шведска, Норвешка, Финска, Данска, Исланд, Литванија, Летонија и Естонија заедно со претседателот на Украина.






