Банерџи : Не сум изненаден од економскиот напредок што го постигнавте во последните две децении

Поранешниот шеф на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава Бишваџит Банерџи во интервју за МИА оценува дека земјава има постигнато значителен економски напредок во последните две децении.

– Ќе ги посочам следните податоци: БДП по глава на жител се зголеми за трипати помеѓу 2002 и 2019 година, инфлацијата е блиску до инфлацијата во еврозоната во поголемиот период од последните две децении, невработеноста се намали значително, особено од 2013 година наваму, фиксниот девизeн курс послужи како сидро на стабилноста, девизните резерви се на соодветно ниво како поддршка на стабилниот девизен курс, додека конкурентноста се оценува како адекватна. Од структурен аспект, најзабележително остварување е тоа што банкарскиот систем е добро капитализиран и профитабилен, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредитите се намалија од 15 проценти во 2005 година на 3,3 проценти во 2020 година, наведува Банерџи.

Во интервјуто, кое подолу го пренесуваме во целост, Банерџи говори и за тоа дека во пост-пандемичното и пост-украинско опкружување, далеку од веројатно е дека нарушените синџири за снабдување ќе се вратат на начинот на функционирање од периодот пред пандемијата, додавајќи дека е можно да дојде до продлабочување на регионалната трговска интеграција, за сметка на намалувањето на глобалната интеграција.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Бевте шеф на мисијата на ММФ во клучно време за нашата економија – транзицијата. Од оваа перспектива, дали економијата ги исполни очекувањата?

– Во периодот од 1998 до 2002 година, ја извршував функцијата шеф на мисијата на ММФ во Македонија во една многу тешка економска, социјална и политичка фаза за земјата. Косовската криза во 1999 година, зголемените етнички тензии и последователната безбедносна криза во 2001 година, имаа свое влијание врз процесот на транзицијата. Како резултат на поспората динамика во имплементацијата на реформите на претпријатијата, тогашниот аранжман за намалување на сиромаштијата и поддршка на растот (ПРГФ) со ММФ беше прекинат во 1999 година.

Сепак, по Охридскиот договор од август 2001 година и Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ во 2004 година, се случи пресвртница и беше воспоставена политичка, економска и институционална стабилност во Македонија, по што беше забележан значителен економски напредок како резултат на спроведување на низа програми поддржани од ММФ. Светската банка, исто така, беше активно вклучена преку Стратегијата за помош на земјата.

Макроекономските политики се спроведуваа претпазливо, додека справувањето со финансиските нерамнотежи и одржувањето на макроекономската стабилност секогаш претставуваа помал предизвик за властите во споредба со структурните реформи. Фокусот на структурните реформи беше на решавањето на слабостите во банкарскиот и корпоративниот сектор, управувањето со јавниот сектор и пазарот на труд. Властите добија значителна техничка помош од голем број институции во осмислувањето на структурните реформи. Сепак, понатаму спроведувањето на тие политики беше предизвик.

Имајќи ја предвид посветеноста во спроведувањето на макроекономските политики, не сум изненаден од значителниот економски напредок што го постигна Македонија во последните две децении. Ќе ги посочам следните податоци: БДП по глава на жител се зголеми за трипати помеѓу 2002 и 2019 година; инфлацијата е блиску до инфлацијата во еврозоната во поголемиот период од последните две децении; невработеноста се намали значително, особено од 2013 година наваму; фиксниот девизeн курс послужи како сидро на стабилноста, девизните резерви се на соодветно ниво како поддршка на стабилниот девизен курс, додека конкурентноста се оценува како адекватна. Од структурен аспект, најзабележително остварување е тоа што банкарскиот систем е добро капитализиран и профитабилен, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредитите се намалија од 15 проценти во 2005 година на 3,3 проценти во 2020 година.

Светот се соочува со нови предизвици, кои произлегуваат од војната во Украина, нарушените синџири на снабдување и сè уште тековната пандемија. Што да очекуваме кога ситуацијата ќе се стабилизира? Какви се очекувањата за финансискиот сектор? Ќе пораснат ли каматите и дали заврши периодот на евтини пари?

– Постои голема доза на неизвесност. Забрзувањето на инфлацијата и нејзиното опстојување од средината на 2021 година наваму ги изненади носителите на политиките во сите земји, кои се соочуваат со неизвесност во однос на тоа колку силни ќе бидат инфлациските притисоци и колку ќе траат. Прогнозите се менуваат од месец во месец. Колку подолго опстојуваат високите инфлациски притисоци, толку е поголем ризикот тие да се вградат во инфлациските очекувања и да ја придвижат спиралата на плати и цени. Покрај несигурноста околу времетраењето на војната во Украина и забавувањето на растот во Кина, треба да имаме предвид и дека платите најверојатно ќе одговорат на повисоката инфлација со задоцнување, бидејќи обично ретко се преговара за платите. Во овој поглед е важно внимателно да се следи развојот на состојбата со платите и да се обезбеди овој раст на платите да продолжи да биде усогласен со растот на продуктивноста.

На почетокот, се мислеше дека растот на инфлацијата е привремен и оттука, големите централни банки сметаа дека затегнувањето на монетарната политика е непотребно. Но, бидејќи инфлацијата не даваше знаци на забавување и се прошири на цените на повеќе производи и услуги, големите централни банки почнаа да ги зголемуваат каматните стапки и посочија дека вакви зголемувања најверојатно ќе има и во иднина, како и дека истите ќе зависат од идните движења. Неодамна, Банката за меѓународни порамнувања ги предупреди централните банки да го имаат во предвид својот основен мандат, па дури и по цена на економскиот раст. Реалното ниво на каматните стапки на централните банки ќе треба значително да се зголеми, за да се намали побарувачката. Според тоа, ризикот од стагфлација е висок.

Во пост-пандемичното и пост-украинско опкружување, далеку од веројатно е дека нарушените синџири за снабдување ќе се вратат на начинот на функционирање од периодот пред пандемијата. Од геополитички причини и заради избегнување на нарушување во синџирите за снабдување во иднина, можно е да дојде до продлабочување на регионалната трговска интеграција, за сметка на намалување на глобална интеграција. Растечкиот протекционизам и технолошката војна претставуваат закана по растот на учеството во глобалниот синџир на вредности. Сепак, ова ќе резултира со зголемен притисок врз нивото на цените и базичната инфлација. Производствените трошоци, вклучувајќи ги и трошоците за плати, ќе пораснат. Рамнотежата во процесот на договарање на плати ќе биде наклонета во корист на работниците: растот на учеството во глобалните синџири на вредност претходно влијаеше за помал преговарачка моќ на работниците, и овој процес има тенденција да се промени.

Во пост-пандемичното и пост-украинско опкружување политиките за надминување на ефектите од климатски промени, исто така, може да влијаат за поттикнување на инфлацијата. Побрзата зелена транзиција може да предизвика значајно намалување на капиталот, како и зголемување на производствените трошоци. Доколку централните банки се држат до нивните сегашни инфлациски цели, тоа би значело затегната монетарна политика и побавен раст.

Со затегнувањето на монетарните услови, финансискиот сектор може да се најде под притисок. Влијанието врз банките најверојатно ќе се материјализира на среден рок, откако зголемените каматни стапки на централните банки ќе се пренесат врз пазарните камати и со тоа домаќинствата и корпоративниот сектор ќе почнат да го чувствуваат притисокот од повисоките трошоци за сервисирање на долговите. Колку е поголем процентот на кредитирање со фиксна каматна стапка, толку е помал притисокот врз должниците, но профитот на банките ќе биде помал доколку стапките на депозити се пофлексибилни. Вака гледано, според мое уверување добро е што банките во Македонија се соодветно капитализирани за амортизирање на шокови, и се во многу подобра форма во споредба со периодот по светската финансиска криза.

Како добар познавач на македонската економија, што мислите, како до сега се справуваме со кризата? Како ја оценувате моменталната монетарна политика, односно, зголемувањето на основната каматната стапка?

– Прво ќе се осврнам на справувањето со пандемијата на КОВИД-19. Политиките спроведени од Народната банка и Владата, го ублажија ударот врз економијата. Народната банка постепено ја намали основната каматна стапка и обезбеди дополнителна ликвидност преку намалување на износот на благајничките записи кои им се нудат на банките, а презема и низа мерки за стабилноста на финансискиот сектор. Поради фискалната поддршка и под влијание на автоматскиот фискален стабилизатор, фискалниот дефицит и вкупниот јавен долг регистрираа раст на нивното учество во БДП во 2020 година. Овие мерки беа соодветни и во согласност со сличната политика на поддршка во светот.

Во согласност со светските трендови, инфлацијата во Македонија се забрза од почетокот на годината. Стапката на инфлација на годишно ниво се зголеми повеќе од двојно, од 4,9 проценти во декември 2021 година на 11,9 проценти во мај 2022 година. Овие стапки ги надминаа проекциите на Народната банка. Така, сметам дека трите рунди на зголемување на каматната стапка во април, мај и јуни се навремени. Дали овој одговор на монетарната политика е доволен ќе стане појасно со движењето на инфлацијата во претстојните месеци.

На покана на Народната банка, како дел од активностите за одбележување на јубилејот 30 години од монетарната самостојност бевте во посета на земјава. Колку е соодветна сегашната стратегија нa фиксен девизен курс? Колку е важна независноста на монетарните власти и координацијата со фискалните власти, особено сега во време на криза?

– Сегашниот режим на фиксен девизен курс служеше како ефективно номинално сидро, откако истиот беше воведен во средината на 1990-тите. Овој режим на девизен курс придонесе за одржување на стабилни стапки на инфлација низ годините. Ревизијата на оваа стратегија во 2003 година, спроведена во рамки на редовниот мониторинг на ММФ, согласно член 4 од Повелбата на ММФ, потврди дека фиксниот девизен курс е соодветен за Македонија. Во овој контекст, може да се забележи дека девизниот курс ја има предноста на едноставноста и јасноста, и е лесно разбирлив за јавноста. Фиксниот девизен курс е компатибилен и со целта за одржување ниска инфлација, во услови кога нема фискалната доминација, а монетарните услови го поддржуваат фиксниот девизен курс и нивото на девизните резерви е соодветно. Македонија ги исполнува овие услови.

Општо е утврдено дека централните банки се најсоодветни институции за одржување на стабилноста на цените и финансиската стабилност, и дека за извршување на овие задачи потребно е да имаат јасен мандат и независност во однос на инструментите што би можеле да ги користат за да го постигнат својот мандат. Според мое мислење, Народната банка на Република Македонија беше (кога јас бев шеф на мисијата на ММФ) и сѐ уште е во овој момент институција којашто ги извршува своите задачи и одговорности професионално и со висок степен на независност.

Во периодот по глобалната финансиска криза, во услови на ниска инфлација и ниски каматни стапки, се чувствуваше дека има ограничувања на опсегот на монетарната политика за поддршка на економското закрепнување, како и дека е неопходна и поддршка од страна на фискалната политика. Во голем број наврати беше истакнато дека монетарната политика не може да биде единствено решение за надминување на економските проблеми. Значи, имаше јасна потреба од координација на монетарно-фискалната политика.

Сепак, во опкружување на растечка инфлација со ризик од стагнација како резултат на монетарното затегнување, насочено кон постигнување на стабилност на цените, независноста на централната банка станува исклучително важна. Централните банки веројатно може да се најдат под зголемен притисок да ја задржат поставеноста на монетарната политика поприспособлива отколку што е соодветно. Експанзивната фискална политика насочена кон ублажување на негативното влијание на монетарното затегнување врз производството само ќе ги спречи напорите за намалување на инфлацијата. Ова беше лекцијата научена од искуството во фаќањето во костец со ефектите од двата нафтени шокови во 1970-тите. Во такви околности, можеби ќе треба да се прифати раст под трендот за да се врати инфлацијата на прифатливо ниво.

Што треба да се направи во земјава за дополнително да се интензивира економскиот раст?

– Сегашното опкружување ја отежнува задачата за фискалната политика. Буџетот се соочува со притисок да се справи со повисоките трошоци на живот и да ја исполни долгорочната посветеност за „зелена” економија.

Така, целта треба да биде зајакнување на производниот капацитет на економијата. Ова може да се направи преку зголемување на ефикасноста; пренасочување на расходите кон инвестициски активности коишто промовираат раст; зголемено инвестирање во човечки капитал, доколку тоа го дозволува фискалниот простор; зголемување на учеството во глобалната производна мрежа преку поттикнување прилив на странски директни инвестиции во сектори кои произведуваа производи со поголема додадена вредност за извозот.

Back to top button
Close