Банерџи : Стабилизирањето на инфлацијата е приоритет за централните банки

 

Стабилизирањето на инфлацијата е приоритет за централните банки, смета поранешниот шеф на мисијата на Меѓународниот фонд во земјава, Бишваџит Банерџи. Во интервју за МИА, Банерџи оценува дека во актуелните околности можеби најсоодветно решение е економскиот раст под трендот, во функција на враќање на инфлацијата на прифатливо ниво.

Според Банерџи, спроведените макроекономски политики во земјава во време на Ковид кризата го ублажиле ударот врз економијата, а како навремени ги оценува и трите рунди на зголемување на каматната стапка од страна на Народната банка во април, мај и јуни.

Зачувувањето на независноста на централната банка во време на растечка инфлација, смета Банерџи, станува исклучително важно.

– Во опкружување на растечка инфлација со ризик од понизок раст како резултат на монетарното затегнување, насочено кон постигнување на стабилност на цените, независноста на централната банка станува исклучително важна. Централните банки веројатно може да се најдат под зголемен притисок да ја задржат поставеноста на монетарната политика поприспособлива отколку што е соодветно. Експанзивната фискална политика насочена кон ублажување на негативното влијание на монетарното затегнување врз производството само ќе ги спречи напорите за намалување на инфлацијата. Ова беше лекцијата научена од искуството во фаќањето во костец со ефектите од двата нафтени шокови во 1970-тите. Во такви околности, можеби ќе треба да се прифати раст под трендот за да се врати инфлацијата на прифатливо ниво, вели Банерџи.

Тој посочува дека Банката за меѓународни порамнувања ги предупредила централните банки да го имаат предвид својот основен мандат, па дури и по цена на економскиот раст. Бидејќи инфлацијата се прошири на цените на повеќе производи и услуги, вели Банерџи, големите централни банки започнаа да ги зголемуваат каматните стапки и вакви зголемувања најверојатно ќе има и во иднина, а тие ќе зависат од идните движења.

– Во согласност со светските трендови, инфлацијата во Македонија се забрза од почетокот на годината. Стапката на инфлација на годишно ниво се зголеми повеќе од двојно, од 4,9 проценти во декември 2021 година на 11,9 проценти во мај 2022 година. Овие стапки ги надминаа проекциите на Народната банка. Така, сметам дека трите рунди на зголемување на каматната стапка во април, мај и јуни се навремени, нагласува Банерџи и посочува дека во претстојните месеци со движењето на инфлацијата ќе стане појасно дали овој одговор на монетарната политика е доволен.

Бишваџит Банерџи e поранешeн шеф на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава за време на транзицискиот период. Тој беше шеф на Мисијата на ММФ во периодот 1998 ‒ 2002 година, кога државата се соочуваше со негативни ефекти од косовската бегалска криза во 1999 година и конфликтот во 2001 година. Бил предавач на Универзитетот во Оксфорд, колеџот Хаверфорд и школата Вортон на Универзитетот во Пенсилванија. Работи како предавач на Универзитетот Ашока во Индија, но и советник на гувернерот на централната банка на Словачка. Автор е на повеќе стручни книги од областа на економијата и има голем број истражувачки публикации во водечки академски списанија.

Back to top button
Close