Банката на Советот на Европа ќе се повлече од финансирањето на штипската Клиничка болница

Министерството за здравство потврди дека Банката на Советот на Европа, која беше финансиер на изградбата на новата Клиничка болница во Штип, најавила дека ќе се повлече. Во одговорот на министерството се наведува дека повлекувањето е со оглед на тоа што има доцнење на изведбата на болницата, а како резултат на судски процес и блокада меѓу изведувачот „Интеркат” и првичниот подизведувач, градежната компанија „Бетон” од Штип.

–За жал затекнавме процес на изградба со нецелосен проект кој доведе до судски спор во кој Министерството за здравство не учествува, а со тоа и стопирање на изградбата на Клиничка болница- Штип. Проектот се обидувавме да го коригираме. Во договор со Министерството за финансии изградбата ќе продолжи со друг финансиски извор, на што Министерството за финансии веќе работи, веднаш откако ќе се одглави процесот помеѓу изведувачот и првичниот подизведувач, односно ќе заврши спорот помеѓу овие две страни, стои во одговорот од Министерството за здравство.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција покажа документ од банката, во кој како што прочита, се вели дека поради спората динамика на изградба на објектот, преостанатите 13,43 милиони евра ќе бидат запрени.

Изградбата на новата болница, која се гради од 2016 година, чини 30 милиони евра, ова значи дека искористени се 55 отсто од кредитот кој е одборен од Банката на Советот на Европа, а останатите 45 проценти за нејзина доизградба сега ќе се бараат од други финансиски извори.

Back to top button
Close