Барањето на ДУИ шефот на државата да се избира во Собранието ќе биде тема и при состав на идната влада, вели Арбер Адеми


За идејата денеска повторно говореше потпретседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми, кој на прес-конференција пред Државната изборна комисија (ДИК) им се заблагодари на граѓаните кои се потпишале за кандидатурата на актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи за шеф на државата.

Од друга страна, откако ДУИ и нејзиниот партиски лидер Али Ахмети соопштија дека на изборите ќе се залагаат претседателот на државата да се избира во Собранието и да се воведе функцијата заменик-претседател, кој исто така ќе се избира во законодавниот дом, од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати изјавија дека не ја прифаќаат ваквата идеја.

„Ова барање ќе биде и по првиот, и по вториот круг на претседателските избори, и по парламентарните избори, како и при составување на владата. Така што, овие вакви и слични изјави сме ги слушнале и кога сме го промовирале концептот за прв премиер Албанец. Ама тоа се оствари. Ние мислиме дека ова е многу прогресивна идеја водејќи се од причини што веќе ги наведов. И заштеда на буџетски средства, но и да се спречи заморот на граѓаните од учеството и во собирањето потписи и во учеството на кампањата за функцијата претседател на држава. Имајќи предвид дека сме парламентарна демократија, логично би било претседателот на државата да се избере во Собрание“,изјави Адеми.

Образложувајќи ја идејата, тој кажа дека тоа ќе овозможи избор на претседател со целосен легитимитет, како и за заштеда на над 20 милиони евра кои се трошат од државниот буџет за организирање на непосредни избори за шеф на државата.

Актуелниот шеф на дипломатијата и кандидат на ДУИ за претседател на државата, Бујар Османи / Фото: Архива
Според портпаролот и претседател на ДУИ, не е прогресивно ако се тврди дека една државна функција е резервирана само за една етничка заедница, без да се води сметка за квалитетот.

„Честопати има изјави до кога со етнички квоти, нели? Имало изјави кога ќе се фокусираме на квалитет? Ете, најквалитетен претседателски кандидат имаме сега, зошто не би била прогресивна оваа идеја и зошто не би била прогресивна ако претседателот на државата како и во другите парламентарни демократии биде избран во Собранието, а не на непосредни избори имајќи ги предвид и уставните норми, каде што за да имаме успешен претседателски изборен циклус навистина треба големи напори – цензусот на првиот круг и цензусот за успешни претседателски избори на вториот круг“,изјави Адеми.

Во овој контекст тој додаде дека во таа насока биле и уставните измени, особено за вториот круг, за намалување на цензусот, од 50 проценти излезеност на 40 проценти. Вели дека доколку претседателот на државата се избира во Собранието тоа ќе обезбеди општествен консензус, бидејќи во работата на парламентот учествуваат партиите кои ја добиле поддршката од граѓаните. Со Бадентеровото мнозинство, како што додаде, ќе се обезбеди и меѓуетнички консензус.

„Легитимитетот на тој претседател, кој ќе се избира во Собранието со двојно мнозинство и со двотретинско и со Бадентерово мнозинство ќе биде многу, многу поголем отколку легитимитетот добиен со 41, 42 отсто од вкупниот број на гласачи во избирачкиот список. Затоа тука ја гледаме прогресивноста на оваа идеја“,рече Адеми.

Тој говореше и за кандидатот на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, кој исто така најави дека во изборната кампања ќе се залага претседателот да се избира во парламентот. Адеми минатата недела изјави дека идејата Таравари ја презел од ДУИ, а денеска изјави дека тој е разрешен од својата матична партија и оти нема кредибилитет да се претставува како личност која може да биде обединувачки фактор во општеството.

„Во неговата партија е разрешен и од Централното собрание, но и на Конгрес. Секако тоа се внатрепартиски процеси и нам како друга политичка партија – ДУИ тоа не не засега. Но личноста којашто не може да обезбеди консензус во својата матична партија не може да обезбеди консензус и пошироко кај целата јавност, така што ние му посакуваме успешен процес на собирање на потписи. Сметаме дека Бујар Османи е на сосема друго ниво, сосема друг профил на политичар, европски политичар кој достоинствено ја претставувал и ја претставува државата на меѓународно ниво, а за тоа говори и државниот секретар на САД, Блинкен и Министерскиот совет на ОБСЕ, кој се организираше во Скопје. Од осамостојувањето до сега немало таков меѓународен настан кој се организираше под покровителството на Бујар Османи“,

кажа Адеми.

Back to top button
Close