Барањето за потпис за еврообврзницата во Министерството за правда стигнало по оставката на Тупанчевски

Барањето за попис за издадената еврообврзница стигнало во Министерството за правда по констатираната оставка на министерот Никола Тупанчевски, информираа од ова министерство.

Со ваквото образложение од Кабинетот на министерот за правда одговорноста за неуспешната емисија на еврообврзницата практично се префрла на Министерството за финансии. Во прилог на соопштението е ставено и барањето од Министерството за финансии.

Во соопштението од Кабинетот на министерот за правда се вели:

„Ве информираме дека министерот за правда Никола Тупанчески до Владата поднесе оставка од функцијата на 10.02.2023 година. Собранието ја констатираше оставката и престанокот на функцијата министер за правда на седница на 13.02.2023 година. Од 14.02.2023 година, Никола Тупанчески е во работен однос на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’. Барањето од Министерството за финансии за потпишување на правно мислење за еврообврзницата е примено во Министерството за правда на 15.02.2023 година. Со оглед на тоа што Тупанчески не е министер за правда од 13 февруари, тој нема право да стави потпис како министер“.

Во приложениот документ од Министерството за правда е наведен и датумот 13 февруари, кога по се изгледа тој бил пратен од Министерството за финансии, каде што е заведен и со соодветен архивски број.

Инаку во Барањето за потпишување на правното мислење за еврообврзница, доставено до Тупанчевски од Бесими, се посочува дека издавањето, тргувањето и правата кои произлегуваат од хартиите од вредност се регулирани врз основа на англиското право, а секоја потенцијална арбитражна постапка или судски спор за правата кои произлегуваат од хартиите од вредност ќе се решаваат пред англиските судови.

„Согласно Законот за јавен долг и согласно Договорот за запишување на обврзницата склучен помеѓу Република Северна Македонија и Сити бенк, Дојче банк, Ерсте груп, Џи-Пи Морган потребно е Министерството за правда да издаде правно мислење со кое се потврдува правната важност на издавањето на еврообврзницата од страна на Министерството за финансии во име на Република Северна Македонија“, се вели во барањето.

На крајот се додава дека „имајќи предвид дека правното мислење е услов за затворање и порамнување на трансакцијата, ве молам да потпишете три примероци од правното мислење и да ни ги доставите на 15.02.2023 година (среда)“, по што стои и потписот на министерот Бесими.

Сепак, останува нејасно зошто потпис на документот не ставил заменик министерот за правда Агим Нухиу, кој сѐ уште е на таа позиција.

Ваква можност во изјава за медиумите ја посочи и универзитетскиот професор Борче Давитковски според кого заменик министерот може да даде мислење за еврообврзницата.

„Доколку парламентот не ја констатирал оставката, бидејќи за оставката не се расправа, само се констатира, тоа значи дека министерот е уште во мандат. Ако ја констатирал оставката, тој нема мандат. Тогаш во тој случај, заменик министерот може да даде мислење за еврообврзницата. Ако нема и заменик министер, тогаш ќе се чека нов министер“, изјави Давитковски.

Од Министерствот за финансии, на чие чело е министерот Фатмир Бесими вчера соопштија дека целосната постапка за издавање на еврообврзницата ќе биде извршена по спроведување на административните процедури, кои подразбираат и мислење од новиот министер за правда.

„Веднаш по изборот на новиот министер за правда ќе се одржи нова аукција. За ова банките-агенти што посредуваа при издавањето на еврообврзницата ќе ги информираат инвеститорите, кои при минатата аукција имаа 2,5 пати поголем интерес во однос на понудената сума, како резултат на довербата во добрите економски политики“, посочуваат од Министерството.

Денеска премиерот Димитар Ковачевски рече дека случувањата околу еврообврзницата нема да влијаат врз кредитниот рејтинг на државата како и дека станува збор за процедура која мора да се испочитува.

Back to top button
Close