Барнам: Иранскиот ИРГЦ речиси сигурно стои зад планот за напад врз базата „Ферфорд“

Британскиот премиер Енди Барнам денеска изјави дека е „многу веројатно“ наводниот план за напад со дрон врз воздухопловната база на Кралските воздухопловни сили „Ферфорд“ да бил координиран од Иран и дека речиси сигурно бил раководен од иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ). Поради овој инцидент, британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд го повика иранскиот амбасадор во Лондон и објави нови санкции и замрзнување имот за двајца ирански државјани.
Воената воздухопловна база „Ферфорд“ ја користат американски бомбардери за напади врз Иран. Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека закана поврзана со Иран наложила повлекување на авионите, додека американски претставници за Ројтерс потврдија дека постојат сомневања за ирански заговор за изведување напад со дрон.
– Можам да ја потврдам нашата процена дека е многу веројатно ова да било координирано во Иран и речиси сигурно раководено од ИРГЦ. Нема да толерираме вакви закани на наша територија. Ќе преземеме решителни мерки против користењето криминални мрежи од страна на Иран, искористувајќи ги сите овластувања што ни стојат на располагање за да ги таргетираме нив и нивните канали за финансирање. Ќе воведеме дополнителни санкции за да ја ограничиме способноста на Иран и на ИРГЦ да ни наштетат – изјави Барнам пред парламентот.
Иран ги отфрли сите тврдења за вмешаност во инцидентот во „Ферфорд“, оценувајќи ги како „неосновани и злонамерни шпекулации“.
Во меѓувреме, шефот на британската дипломатија Милибанд соопшти дека го повикал иранскиот амбасадор за уште еднаш недвосмислено да му пренесе дека Лондон нема да толерира непријателски активности поддржани од државата.
– Постојаните обиди на Иран да ја поткопа безбедноста на Велика Британија и на меѓународните партнери преку своите криминални мрежи, групи што дејствуваат како негови посредници и злонамерни активности поддржани од државата се неприфатливи. Денеска му наложив на моето министерство да го повика амбасадорот на Исламската Република Иран за уште еднаш јасно и недвосмислено да му ја пренесе оваа порака – изјави Милибанд.
Санкциите, кои вклучуваат замрзнување на имотот, забрана за патување и забрана за вршење функции, им се изречени на Рухола Базганди, раководител на контраразузнавањето во ИРГЦ, и на Шахрам Али Реза Тамарзаде Џаки, поврзан со криминалната мрежа „Зиндаши“.
– Објавуваме и санкции за двајца ирански државјани поради нивната улога во овозможувањето или извршувањето непријателски активности во име на иранскиот режим, со јасна намера да упатуваат закани, да планираат или да изведуваат напади во странство – додаде британскиот министер.






