Баздникин: Се надеваме дека новите пратки на „Спутник В“ ќе пристигнат во блиска иднина

 

Рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин попладнево соопшти дека очекува во блиска иднина да пристигнат нови пратки на вакцината „Спутник В“ во земјава.

Како што нагласи тој, одговарајќи на новинарско прашање, руската страна строго се придржува до своите обврски и планира да обезбеди испорака на ваикцините во рокот утврден со договорот.

-Распоредот за испорака не е предвиден со договорот и се формира во зависност од производствените можности на руската страна. Сепак, Амбасадата е во постојан контакт со раководството на Рускиот фонд за директни инвестиции околу испораките на вакцините. Се надеваме дека во блиска иднина ќе стигнат нови пратки на „Спутник В“, истакна амбасадорот по пристигнувањето на авионот на новата воспоставена авиолинија Москва-Скопје.

Баздникин потенцира дека Амбасадата не е исто што и Рускиот фонд за директни инвестиции поради што, за конкретен одговор кога ќе пристигнат новите пратки, рече новинарите прашањето да го упатат до Фондот.

-Јас ви кажав толку колку што знам и колку можам. Ама сум сигурен дека сите обврски ќе бидат исполнети, подвлече рускиот амбасадор во земјава.

Тој потсети дека Руската Федерација планира на земјава да испорача 200 илјади дози „Спутник В“.

Back to top button
Close