Бегај и врачи албанско државјанство на Дуа Липа и рече „Таа е наша гордост”
Албанскиот претседател Бајрам Бегај и го врачи уверението за албанско државјанство на познатата пејачка Дуа Липа и порача дека таа е гордост на државата.
„Посебно задоволство ми е што на талентираната и светски позната пејачка ќе ѝ го врачам указот за албанско државјанство. Пред 110 годишнината од прогласувањето независност на Албанија, не им оддаваме чест само на оние кои во минатото придонеле и помогнале во создавањето на албанската држава, туку и на оние кои со својот придонес во сите области го промовираат албанскиот национален идентитет и не прават горди во секој момент, напиша на својот Фејсбук профил Бегај.
Додаде дека Дуа Липа е богатство за музичкиот свет, а во исто време и гордост на Албанија, Косово и на сите подрачја каде што се зборува албанскиот јазик.
Оваа светски позната пејачка со албанско потекло истакна дека е особено среќна што добила државјанство на матичната земја и оти тоа е посебен момент во нејзиниот живот.
-Ова е многу голема чест за мене и моето семејство. Ви благодарам за оваа можност. Сега сум Албанка и на хартија, рекла таа на чинот на врачувањето на државјанството.
Во објава на Инстаграм освен на Бегај му се заблагодарува и на градоначалникот на Тирана Ерион Велиај.
-Ви благодарам претседателе Бегај и градоначалниче Ерион Велиај на ова признание – добив албанско државјанство! Многу сум горда, објави таа на Инстаграм заедно со повеќе фотографии.
Дуа Липа е родена на 22 август 1995 година во Лондон, Обединетото Кралство, во семејство на имигранти од Косово кои ја напуштиле Приштина во 1990-тите години.
Во почетокот на август косовската претседателка Вјоса Османи и ја додели титулата почесна амбасадорка на Косово.
Денеска, на денот на 110-годишнинат од независноста на Албанија ќе одржи концерт на плоштадот Скендербег во центарот на Тирана.