Бегалските и мигрантските бранови во Грција зголемени за 25 отсто
Бројот на бегалци и мигранти, кои во Грција пристигнале по морски или копнен пат во периодот од јануари до ноември годинава е за 25 отсто повисок во споредба со лани, согласно податоците од Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во конкретниот период, во Грција пристигнале 51.620 лица, додека пак во 2023 година оваа бројка била за над 10.000 помала, односно биле регистрирани 41.161 пристигнување.
Доколку се анализираат податоците, од јуни, кога имало нешто помалку од 3.000 пристигнувања, постепено започнуваат да се зголемуваат бегалските и мигрантските бранови како на островите, така и преку Еврос на копнената границата со Турција, а врвот го достигнале во септември со 7.592 пристигнувања.
Од почетокот на годинава заклучно со крајот на ноември, од Грција заминале 6.834 лица.
Во однос на барањата за азил, од 37.433 позитивни одлуки издадени од 1 јануари до 30 ноември, 67 отсто се за граѓани на Сирија и Авганистан.