Бехтел и Енка делат откази поради наводен долг од државата, работниците протестираат – Мицкоски: Не должиме ниту цент


Работници во „Бехтел и Енка“ утрово протсетираа пред влезот на кампот на компанијата. Тие се жалат дека се отпуштени без претходна најава (отказен рок), иако имаат важечки договори. Како причина за отпуштањата им било кажано дека државата не префрлила средства за проектот. Тие бараат да бидат прогласени за технолошки вишок за да можат да остварат социјални права.

– Еден ден претходно нè известуваат, демек има вишок работници и доаѓа листа да нè избркаат од работа, значи само тие од Македонија. Индијците се тука, сите останаа, а ние сме избркани. Во договорот не пишува дека треба да нè известат 30 дена однапред за да можеме да најдеме друга работа. Останавме на улица, моментално не знаеме што е работата. Овие велат дека владата не пушта париБараме да нè прогласат за технолошки вишок и додека ни трае договорот да ни се исплаќа барем минималецот. Јас имам договор до 17 јуни 2026 година, вели еден од вработените

Реагира и негов доскорешен колега кој потврдува дека добил отказ, за за тоа како образложение се наведува дека немало прилив од државната каса.

– Ни соопштија дека ќе нè бркаат од работа, дека државата нема пуштено пари и заради тоа нè отпуштаат од работа. Па не знам, сега ова е прва тура, негде околу 40-50 вработени, без претходно да ни најават две недели или месец дена, да кажат дека до тогаш и нема да може, да не ни требате.

Без никаква најава. Дојдовме на работа и ни кажуваат да потпишеме и дека е толку со нашата работа. Чекаме да добиеме одговор дали е до државата или до Бехтел и Енка, вели друг вработен за Радио Гостивар .

„Има колеги што имаат до четврти, петти, шести, седми месец договор. Велат – ни рекоа толку. Демек, државата не дава средства, финансии, и поради тоа велат – немаме средства да ве држиме, да ви даваме плата, и затоа ве отпуштаме,изјави за тв Телма Стојанче Ристовски, работник.

Работниците рекоа дека на работа се задржани претежно странски државјани.

„Од тие што се Индијци нема никој избркано, значи само македонските државјани се избркани. Странските не. Тука се, си работат. Странски државјани има повеќе од нас“,рече Ристовски.

Министерството за транспорт, Јавното претпријатие за државни патишта, како и Владата, велат дека се подмирени сите побарувања од „Бехтел и Енка“ и сметаат дека тие немаат никакви обврски за работните односи.

„Владата не должи нути фенинг, нуту денар кон компанијата ‘Бехтел и Енка’. Така што, работниците своите права треба да ги бараат во менаџментот на ‘Бехтел и Енка’ и оние што го потпишаа тој договор со ‘Бехтел и Енка’“,изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Од „Бехтел и Енка“ за ТВ Телма велат дека на работниците сѐ им е платено за досега извршената работа, но не прецизираат зошто ги отпуштиле.

„Тесно соработуваме со Владата на Северна Македонија за да ги усогласиме градежните активности со тековните национални приоритети. Ова вклучува прилагодување на нивоата на работна сила во различни фази од проектот за да се задоволат оперативните потреби“,велат од „Бехтел и Енка“ за ТВ Телма.

Воедно од компанијата велат дека со Владата продолжуваат да работат на градењето автопатишта низ државата и оценуваат дека Коридорот 8 има добар напредок.

Back to top button
Close