Бекам стана витез: Не можам да опишам колку многу ми значи ова

Легендарниот англиски фудбалер Дејвид Бекам објави емотивна порака откако беше прогласен за витез од Неговото – Кралот Чарлс.

Бекам призна дека денот на доделувањето на орденот е еден од најпосебните во неговиот живот.

„Не можам ни да опишам колку е посебен овој ден за мене, момче родено во Источен Лондон, кое денес добива витешка титула од Кралот. Навистина сум понизен и благодарен за оваа чест“, напиша Бекам на својот Инстаграм профил.

Во својата објава, поранешниот капитен на Англија се потсети на своето патување од локалниот клуб Риџвеј Роверс до најголемите светски тимови, вклучувајќи ги Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Милан, Париз Сен Жермен и ЛА Галакси, истакнувајќи го влијанието на тренерите, соиграчите и навивачите кои му помогнаа да стигне до оваа точка.

„Играњето за мојата земја секогаш ќе биде моментот на кој сум најгорд во мојата кариера… претставувањето на Англија и нејзиното капитенство беше мој сон уште од моите седум години“, напиша Бекам, додавајќи дека фудбалот му овозможил да патува и да учи за проблемите на децата низ целиот свет уште од рана возраст.

Поранешниот фудбалер особено им се заблагодари на хуманитарните организации со кои соработувал, вклучувајќи ги УНИЦЕФ и Кралската фондација.

Бекам, исто така, емотивно зборуваше за своето семејство.

„Сè што отсекогаш сакав беше да го направам моето семејство среќно. Моите родители и баби и дедовци, кои отсекогаш биле тука за мене и ми ги всадиле вредностите на напорна работа и почит. Мојата прекрасна сопруга, која е покрај мене во последните 28 години, мојата најголема поддршка… без неа немаше да го имам животот што го имам. Моите деца се нашата најголема радост и инспирација секој ден. Конечно, мамо, тато, Викторија и моите деца, можете ли да верувате… Ве сакам сите и ви благодарам од дното на моето срце“, напиша Бекам.

Back to top button
Close