Бектеши: Активно работиме на реализација на мерките за поддршка на туризмот

– Состојбите во туристичко – угостителскиот сектор, мерките кои Министерството за економија и Владата ги превзема за справување со кризата предизвикана од Ковид-19, како и проблемите со кои се соочува овој сектор, беа теми на кои денеска разговараа министерот за економија Крешник Бектеши, претставници на туристичко-угостителскиот сектор и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.

Министерот Бектеши, како што соопшти Министерството за економија, ги информирал претставниците на туристичко-угостителските комори за реализацијата на донесените мерки за поддршка на секторот.

Бектеши посочил дека од почетокот на здравствено економската криза за поддршка на туристичко-угстителскиот сектор на предлог на Министерството за економија се донесени уредби, меѓу кои се Уредба со законска сила за издавање на ваучери за туристичките агенции, потоа Уредба за продолжување на рокот на решението за категоризација на угостителски објекти за време на траење на вонредната состојба, Уредба со законска сила за продолжување на рокот на траење на лиценцата за угостителските објекти кабаре, диско клуб и ноќен бар и Уредбата со законска сила за издавање на ваучери од 6.000 денари за работници со ниски приходи и платежна картичка од 3.000 денари за домашен туризам.

На работниот состанок министерот Бектеши информирал дека подготвена е и Програмата за субвенција за кофинансирање на конференции и настани во висина од 50 отсто, а најмногу до 30.000 денари, како и Уредбата со која се олеснуваат условите за категоризација на угостителските објекти за сместување кај физички лица и намалување на бројот на комисијата за категоризација од 13 на 5 члена со вклучување на член од приватниот сектор.

Претставниците од туристичко-угостителскиот сектор потенцирале дека во моментов е неопходно да се донесат протоколи за работа на хотелите, за што Министерството за економија ќе ги достави препораките од Европската комисија до Комисијата за заразни болести за носење на истите.

Дел од барањата на туристичко-угостителскиот сектор, какошто се наведува во соопштението, се отворање на авто-камповите и носење на протокол за работа на истите, отворање на плажите, како и ресторани за свадби и игротеки.

Министерот Бектеши на состанокот упатил порака до туристичко-угостителскиот сектор дека мерките кои Министерството за економија и Владата ги има донесено за помош на најпогодените сектори ќе продолжат да се реализираат се додека трае кризата. Потенцирал дека Министерството за економија и Владата континуирано ја следи состојбата во овој сектор и секоја активност ќе биде во насока на опоравување и помош на најпогодените гранки ва стопанството.

Back to top button
Close