Бектеши: До крајот на неделата ќе одлучиме за мерки, некои цени вештачки се зголемени и до 70%

Доколку овие трговци сами не ги вратат цените со нормални маржи тогаш повторно ќе донесеме непопуларни мерки, се со цел да го заштитите стандардот на граѓаните, порача министерот за економија
До крајот на неделата во координација со коморите, трговците и производителите ќе се донесе одлука дали и какви мерки ќе бидат донесени, најави вечерва во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24 министерот за економија Крешник Бектеши, откако по престанокот на претходните антикризни мерки (замрзнати маржи и намалено ДДВ) цените на одредени производи енормно се зголемија.

Според министерот, одредени трговци, кои имаат монопол на пазарот за одредени производи, драстично и вештачки ги зголемиле, некои за 50, но и до 70 отсто.

„Не помина ниту една недела каде одредени производи се зголемија, но тоа е само во делот на тестенините и на некои други производи. Кај маслото за јадење и други производи вратен е само процентот од делот на ДДВ. Ќе донесеме заклучок за сите инспекторати да излезат на терен и да проверат дали цените вештачки се зголемени. Има одредени компании кои вештачки ги зголемиле цените над 50 отсто па дури и до 70 отсто со цел да ја искористат ситуацијата на грбот да граѓаните. Не сакаат да се откажат од ниту еден процент во делот на профитот“,
кажа Бектеши.
Анализи на цените, како што кажа министерот, веќе прават заедно си Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи.

„Доколку овие трговци сами не ги вратат цените со нормални маржи тогаш повторно ќе донесеме непопуларни мерки, се со цел да го заштитите стандардот на граѓаните“,рече Бектеши.

Back to top button
Close