Бектеши ќе предложи да се укине субвенционираната струја за компаниите

Министерството за економија ќе предложи да се укине мерката за субвенционираната струја за компаниите. Според првичните податоци на институциите, 60 до 70 проценти од компаниите од прехранбениот сектор што ја користат оваа мерка не ги намалиле цените и не го испочитувале договореното. Но, мерката за субвенционирана струја ќе остане да важи за училиштата и јавните комунални претпријатија.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека се работи на дизајнирање нови мерки со цел намалување на цените на основните прехранбени производи.

-Мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи целосно се почитува од трговците, но голем дел од прехранбените компании кои користат субвенционирана струја од државата не ги намалиле цените – рече министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за ТВ Алсат.

Тој потсети дека Министерството за економија имаше неколку средби со стопанските комори, особено со компаниите кои се најголеми производители на основни прехранбени производи.

Од средбите, посочи Бектеши, произлезе заклучок дека Владата треба да преземе соодветни мерки во делот на електричната енергија со единствена цел да им се помогнеме на производителите на основни прехранбени производи и да се влијае на намалување на цените кои се истакнати со владина одлука, како што се основните производи – лебот, маслото, тестенините и така натаму, особено млекото.

-Значителен дел на домашни компании со кои имавме џентлменски договор за жал не го почитуваа договорот кој сме го имале помеѓу Владата и стопанските комори и не ги намалија цените на основните прехранбени производи – истакна тој.

Back to top button
Close