Бектеши-Ибрахимај: Северна Македонија од утре ќе извезува сончогледово масло во Албанија
Албанската министерка за финансии, Делина Ибрахимај на заедничката прес-конференција со македонскиот министер Крешник Бектеши, кој е во официјална посета на Албанија, изјави дека од утре почнува увозот на сончогледово масло од Северна Македонија, кое претходно главно се увезувало од Украина, пренесе МИА.
„Република Северна Македонија утре ќе донесе важна одлука со која ќе се отвори извозот на сончогледово масло во Албанија, производ кој главно беше увезуван од Украина. Кај нас се чувствуваше недостиг како и на меѓународните пазари, што е и причината зошто цените се повисоки. Сакам да му се заблагодарам на министерот Бектеши за конструктивните разговори и сакам да гарантирам дека односите меѓу двете земји на полето на трговијата ќе продолжат да бидат многу добри – рече Ибрахимај.
Албанската министерка за финансии додаде дека ќе продолжи олеснувањето на сите процедури во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, по средбата со албанската колешка, на својот фејсбук-профил истакна дека во знак на соработка во рамки на „Отворен Балкан“ од утре се отвора извоз со Република Албанија.
„На средбата со министерката Ибрахимај разговаравме за соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија во областа на економијата. Справувањето со енергетската криза, која ги зафати не само нашите земји, туку и целиот регион и светот, зајакнување на соработката, размена на искуствата и спроведување на политики кои промовираат економски раст беа меѓу темите на кои разговаравме на денешната средба – напиша Бектеши на фејсбук.
Многу го цениме, посочи Бектеши, и растот на билатералната трговска размена, каде што имаме раст од 30,4% во текот на 2021 година и се надеваме дека овој раст ќе продолжи и во наредните години, како резултат на одличната меѓусоседска соработка