Бектеши на Економскиот форум во Скопје: Интензивно работиме на зелена енергетска транзиција

Интензивно работиме на транзиција во енергетскиот сектор. Веќе се започнати неколку поголеми проекти во изградба на капацитети од обновливи извори на енергија, а во наредниот период ќе го засилиме инвестицискиот циклус во зелена енергија. Нашата цел е до крајот на 2030 година 40 отсто од бруто финалната потрошувачка на енергија во земјата да биде 40 отсто од обновливи извори, рече министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање на панел дискусијата “Инфраструктура, енергија, туризам: Двигатели на долгоречен просперитет” на Економскиот форум во Скопје.

-Во однос на проектите во обновливи извори на енергија кои се реализираат, потпишавме договори со два приватни инвеститори преку Јавно приватно партнерство заедно со АД ЕСМ кои ќе инвестираат во постоечкиот рудник на РЕК Осломеј во изградба на 100 мегавати фотонапонска централа, а исто така со сопствена инвестиција на државата во наредниот период ќе започне и изградба на уште една фотонапонска централа од 10 мегавати исто во РЕК Осломеј. Во финална фаза е изградбата на магистралната гасоводна мрежа, а во завршна фаза е постапката за избор на компанија која, исто така преку принципот Јавно приватно партнерство ќе ја гради дистрибутивната гасоводна мрежа во државата, рече министерот Бектеши.

Како што соопшти Министерството за економија министерот појасни дека Законот за стратешки инвестиции кој беше донесен пред две години отвара голема можност за инвестиции во енергетскиот сектор, а според досега објавените огласи има над 10 компании од енергетиката заинтересирани за реализација на инвестициски планови во земјата.

-Законот за стратешки инвестиции создава нови можности за инвестирање во гоплеми проекти од обновливи извори на енергија. Оттука, за бизнис заедницата, постои можност за инвестирање во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија истовремено, што пак создава можност за креирање нови работни места. Се очекува дека ќе има 3211 ново работно место во изградба и околу 2000 во одржување само во делот на обновливи извори на енергија и дополнителни околу 3500 во енергетска ефикасност. За научниот сектор се предвидува да соработува со бизнис заедницата во делот на иновативни решенија, истакна министерот Бектеши.

Тој потенцираше дека Владата донесе и Интервентен инвестициски план во наредните седум години со кој се планирани вкупни инвестиции од 8 милјарди евра, а вкупно 3,14 милјарди евра се предвидени токму во енергетиката.

Back to top button
Close