Бектеши пушти осветлување на Попова Шапка

Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и директорот на ЕЛЕМ Турс, Адем Авзиу вечерва пуштија во употреба нов систем за осветлување на ски- центарот „Попова Шапка’.

-Од вечерва, ски-центарот “Попова Шапка” со нов систем за осветлување!, напиша Бектеши на Фејсбук.

Тие денеска ја најавија скијачката сезона на Попова Шапка којашто треба да почне за три дена, со два километра осветлена ски-патека, со четири ски-лифтови, три жичници и уште неколку нови инвестиции.

Директорот на ЕЛЕМ Турс најави дека ќе се прави идеен проект за жичарница од Тетово до Попова Шапка.

– Јас можам да најавам дека веќе за годишниот план за јавни набавки за 2022 година има предвидено средства околу идејниот проект за жичарата.

Тоа е огромен проект, голема инвестиција за која што треба и поголеми средства и време за реализација бидејќи не е едноставно, тоа е многу сериозна и обемна работа. За вештачкиот снег имавме претставници на фирма од Италија.

Ги очекуваме нивните првични понуди и проценки за воведување на вештачки снег на ски-стазите Поток 1, Поток 2 и Аеродром. Договорени бевме до крајот на месец декември да имаме првичен предлог колку би можело тоа да кошта и како би можело тоа да се реализира, изјави Авзиу.

Back to top button
Close