Бектеши: За намалени цени ќе даваме поддршка. На другите компании ќе им укинеме се

Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска соопшти дека ако компаниите од прехранбената индустрија ги намалат цените на производите повеќе од процентот предвиден со одлуката за замрзнување, тогаш ќе се разгледа опцијата да добијат поддршка од државата.

„Донесовме одлука намалувањето да биде минимум 10 отсто, но ако компаниите одлучат и ги намалат цените за 20 отсто, на пример, ќе разговараме за тие дополнителни 10 проценти да им дадеме поддршка. Ако одреден сектор, наместо за 10 отсто, ги намали цените на 15 – 20 проценти, тогаш ќе разговараме за да им се излезе во пресрет. Нашата цел е граѓаните да плаќаат пониски цени“ потенцираше Бектеши.

Бектеши напомена дека за тоа вчера разговаарал со премиерот Димитар Ковачевски.

„Вчера со премиерот разговаравме да им излеземе во пресрет дополнително на одредени сектори во индустријата. Имаме толку голем простор преку ЕСМ зашто е зголемено производството, што за тие компании кои ќе ги намалат цените државата ќе излезе во пресрет со поддршка, а за тие што нема тоа да го направат, ќе се укинат сите поддршки“ потенцираше министерот.

Тој напомена дека ги анализирале и сите влезни трошоци за 500 грама макарони до цената во малопродажба која изнесува 49,3 денари.

„Ова е цена со увозните давачки за одредени видови на макарони кои покриваат околу 70 проценти од пазарот. Без увозни давачки, нивната цена ќе биде 41,8 денари, што значи само по основ на увозните давачки цената се намалува за 7-9 денари и очекуваме дополнително намалување од неколку денари поради замрзнатите маржи со претходнаат одлука“ – рече Бектеши.

Министерот Бектеши порача дека „согласно сите анализи на Секторот за трговија и коморите, се утврдува дека повеќето компании ја користат максималната маржа и на некој начин се здружени за да не ги намалат своите профити. Затоа одлучивме да одиме со замрзнување на цените. Остануваат уште шеќерот, јацата и оризот за кои наредната недела ќе се направат анализи и чии цени најверојатно ќе се замрзнат ако производителите не ги намалат“.

Back to top button
Close