Бела куќа: Иран не го преместил збогатениот ураниум пред нападот
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли хипотезата дека Иран го преместил високо збогатениот ураниум пред американските напади.
Доналд Трамп ги критикуваше американските медиуми по откривањето на класифициран документ на американското разузнавање кој фрла сомнеж врз ефикасноста на бомбардирањата извршени во неделата во поддршка на Израел врз нуклеарните централи Фордо, Натанц и Исфахан.
Според него, американските напади во Иран резултирале со целосно уништување на целните нуклеарни објекти.
Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, исто така потврди во соопштение дека, според „веродостојни информации“, нуклеарната програма на Техеран е „сериозно оштетена од неодамнешните целни напади“.
Техеран вчера призна дека неговите нуклеарни објекти биле „значително оштетени“ од израелското и американското бомбардирање за време на 12-дневната војна.
Но, експертите ја покренаа можноста дека Иран се подготвил за нападот со отстранување на своите 400 килограми ураниум збогатен на 60 проценти, ниво блиску до прагот од 90 проценти потребен за развој на атомска бомба.
-Можам да ви кажам дека САД не добија никакви индикации дека високо збогатен ураниум бил преместен пред нападот, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, за „Фокс њуз“.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), со која иранскиот Парламент сака да ја прекине соработката, „го изгуби од вид тој материјал од моментот кога започнаа непријателствата“, изјави нејзиниот генерален директор, Рафаел Гроси во интервју за француската телевизија Франс2.