Бела куќа: Меланија Трамп издејствува прекин на огнот меѓу Русија и Украина, кој се однесува исклучиво на градот Олешки

Меланија Трамп, сопругата на американскиот претседател Доналд Трамп, успешно издејствува прекин на огнот меѓу Русија и Украина, кој се однесува исклучиво на градот Олешки и ќе стапи во сила на 29 октомври, соопшти денеска Белата куќа.

Жителите на градот во регионот Херсон во јужна Украина, кој е окупиран од руските сили од февруари 2022 година, предупредија на влошување на кризата со храна.

„Двете нации се согласија привремено да ги прекинат сите воени операции во Олешки, со цел да се овозможи влез на хуманитарна помош и да се подготви евакуација на цивилите преку одреден безбеден премин“, се вели во соопштението на Белата куќа

Меланија Трамп во соопштение наведе дека ситуацијата во Олешки е очајна.

„Олешки е град на фронтовската линија, на работ на катастрофа. Останатото население на Олешки се главно од постари жители на кои им е итно потребна медицинска помош, лекови, храна и чиста вода“, наведе Меланија Трамп.

Овој развој на настаните се случи откако американскиот претседател Доналд Трамп го засили притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да постигне договор со рускиот претседател Владимир Путин за прекин на војната, која започна со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Според првата дама на САД, прекинот на огнот ќе им овозможи на цивилните тимови од двете земји да ги посетат жителите во нивните домови и да организираат превоз за оние кои сакаат да се евакуираат во Русија или Украина, а тимовите ќе бидат следени од неименувана американска медиумска организација за да го документираат процесот.

Меланија Трамп и нејзините претставници наводно работеле директно со украинското и руското раководство за да ги утврдат условите за локално примирје меѓу двете страни. Во градот Олешки останале меѓу 1.700 и 2.000 жители – главно постари лица, заедно со околу 50 деца, што е значително помалку од речиси 24.000 жители пред војната.

Според Белата куќа, околу 90 проценти од градот бил поплавен по уништувањето на браната Каховка.

Back to top button
Close