Бела куќа: Речиси 70 земји бараат трговски преговори со САД
Речиси 70 земји ѝ пристапија на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со барање за почеток на трговски преговори, соопшти денеска портпаролката на Белата куќа Каролин Левит.
Според неа, историскиот „Ден на ослободувањето“ минатата недела, што го означи Трамп, покажал дека „ерата на американско економско предавање заврши“.
– Овие земји имаат огромна почит кон претседателот, рече таа, додавајќи дека трговски договори ќе се склучуваат само ако тоа е во корист на американските работници.
Таа го пофали Израел за „проактивниот пристап“ и рече дека тој треба да биде модел за целиот свет.
– Земјите се натпреваруваат да ги реформираат неправедните трговски практики. Зошто? Затоа што имаат почит кон САД и кон моќта на американскиот пазар, додаде Левит, нагласувајќи дека администрацијата има цел „значително да ја зајакне американската индустрија“.
Левит истакна и дека Трамп веќе ја исполнува својата заложба за нова „златна ера за Америка“, и дека нема повеќе да дозволи американските компании да бидат оштетувани од „неразумни трговски практики“.
– Претседателот има ‘рбет од челик и нема да попушти под притисок, вклучително и под царински контрамерки како оние од Кина, додаде таа.
Во однос на заканата на Трамп да воведе дополнителни царини од 50 отсто кон Кина, со што вкупната давачка со која се соочува Пекинг би достигнала 104 отсто, таа потврди значителна ескалација меѓу двете суперсили.
-Тоа ќе стапи во сила во 00:01 часот вечерва. Значи, практично утре.(во 21.01 по македонско време)“. На прашањето дали Трамп би размислил за склучување договор со Си Џинпинг, кинескиот претседател, таа рече дека претседателот „верува дека Кина сака да склучи договор со САД“. – Кина мора да склучи договор со САД.
„Беше грешка што Кина возврати. Кога Америка е удрена, тој возвраќа посилно, истакна портпаролката.
Во однос на медиумските прашања за тоа дека се менува политиката на Белата куќа – од одбивање преговори до повик за нови договори – Левит рече дека и двете изјави можат да бидат точни истовремено. Според неа, САД се соочиле со „економска и безбедносна криза“ поради неправедни трговски услови.
На прашањето за ризикот од рецесија, Левит не даде директен одговор, туку повтори дека администрацијата има „економски оптимизам“, најави најголемо даночно намалување во историјата на САД и посочи дека „секојдневно се укинува скапа бирократија“.