„Бела ноќ“ во Скопје
Вечерва на 13 локации низ Скопје ќе се одржи „Бела ноќ“, која традиционално се одржува по 17 пат, при што граѓаните ќе имаат можност да уживаат во културно-забавни настани.
Многубројните уметници што ќе им се претстават на граѓаните со концерти, изложби, кино проекции и други културни перформанси на 13 локации ќе го претворат Скопје во центар на културните случувања во државата.
Поради состојбата со пандемијата со ковид-19, „Бела ноќ“ и годинава, како и минатата година се одржува една недела порано од предвиденото.
Официјалната програма на „Бела ноќ“ ќе започне вечерва во 19:00 часот и ќе трае сѐ до полноќ, а поради состојбата со коронавирусот, работното време на локалите ќе остане исто, односно нема да работат во текот на целата ноќ.
Сите настани ќе се одвиваат според протоколите предвидени од Министерството за здравство, на сите локации ќе биде поставена редарска служба и при влез во локацијата посетителите ќе треба да покажат потврда за вакцинација.
Од јавното сообраќајно претпријатие Скопје информираат дека ќе овозможат бесплатен јавен превоз, а во функција ќе бидат и дел од ноќните линии (2, 5, 7, 22, 24, 41, 50, 57 и 65 В).
Бесплатно користење на јавниот превоз ќе биде дозволено од денеска од 18 часот до 05 часот в недела.
Повеќе детали околу програмата може да најдете на следниот линк: https://www.belanok.com/home.