Белата куќа претстави мега-арена за ММА борби по повод 80-тиот роденден на Трамп

Белата куќа денеска пред новинарите ја претстави големата арена подигната во претседателскиот комплекс, на која в недела ќе се одржат ММА борби по повод 80-тиот роденден на Доналд Трамп.
Претставниците на медиумите првпат добија пристап до масивната структура со висина од 28 метри – што ја надвишува и самата зграда на американското претседателство – која работниците ја градеа неколку недели на Јужниот тревник на Белата куќа. Во центарот на објектот е поставен октагон во кој 14 борци ќе ги одмерат силите пред Трамп, за време на оваа досега невидена манифестација планирана за в недела навечер. Вкупната вредност на настанот, според медиумски информации, се проценува на 60 милиони долари.
Претставник на Белата куќа увери дека за оваа намена не се искористени јавни пари, туку трошоците се покриени од надлежната спортска федерација. Самата арена има капацитет за 4.500 гледачи.
Настанот в недела се совпаѓа со јубилејот на Трамп, кој е роден на 14 јуни, ден кога во САД се одбележува и Денот на знамето. Дополнително, во паркот јужно од Белата куќа е подигната уште една голема структура, каде што администрацијата на Трамп соопшти дека до 125.000 луѓе ќе можат бесплатно да ги гледаат борбите на огромни екрани.
Трамп, кој е познат како голем обожавател на ММА, преку овој спорт ја засили својата популарност меѓу младите мажи, кои беа клучна демографска група на претседателските избори во 2024 година. Милијардерот спомена дека структурата би можела да се зачува и по настанот, исто како што Ајфеловата кула во Париз остана по Светската изложба во 1889 година. Сепак, според судските документи поднесени од Белата куќа по тужбата со која се бараше откажување на настанот, арената ќе биде демонтирана веднаш следниот ден






