Белата куќа се огласи во врска со шегата на Рама на сметка на Трамп
Белата куќа реагираше во врска со шегата што албанскиот премиер Еди Рама ја направи за претседателот на САД, Доналд Трамп, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, за време на самитот на Европската политичка заедница во Копенхаген.

На прашањето на албанската „Топ њуз“, дали коментарите на Рама се сфатени во негативен контекст или влијаат на билатералните односи, заменик-секретарката за медиуми во Белата куќа, Ана Кели, одговорила:
„Претседателот Трамп направи повеќе за глобалната стабилност од кој било друг лидер во светот.“
На маргините на самитот на Европската политичка заедница, албанскиот премиер Рама се пошегува за лапсузот на Трамп, кој неодамна ги измеша Албанија и Ерменија, додека зборуваше за решавање на спорот во регионот Нагорно-Карабах. За време на посетата на Велика Британија минатиот месец, Трамп се пофали дека го решил спорот за регионот Нагорно-Карабах меѓу Азербејџан и Албанија, притоа мислејќи на Ерменија.