Белешки за очекуваното вето на Бугарија против С. Македонија

Дозволете ми денеска да направам еден редок преседан: на местото на мојата колумна, да ви го пренесам текстот на д-р Станимир Панајотов од Софија, кој е постдокторант во Центарот за академски истражувања во Софија и визитинг професор во Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје. Не сум имал чест лично да го запознам г. Панајотов, но тој е еден од многуте интелектуалци во Бугарија кои деновиве јавно излегоа со критики за политиката на својата влада во врска со ветото за Република Северна Македонија.

Јас ништо попаметно не би можел да напишам од ова што го кажува д-р Панајотов. Текстот е малку подолг за вообичаениот простор на моите колумни, но доколку имате трпение да го прочитате до крај, нема да зажалите за потрошеното време! Повелете…

пишува: Станимир Панајотов / 18.11.2020, Софија

Еве еден мој обид за аналитички белешки во однос на очекуваното вето против С. Македонија од наша страна. Ги следам внимателно интервјуата, позициите, текстовите и тука намерно се обидувам да искажам неискажани или ретко кажувани тези/размисли, без да ги пренебрегнувам другите моќни анализи и позиции.

За Бугарија:

Целата работа има внатрешно-политичко потекло, таа е насочена за домашна употреба, надворешно-политичкиот инструмент – ветото – навистина е „инструмент“, но тој ги доведува во заблуда сите со својот „ефект“ и, на крајот, С. Македонија е најмалку интересниот и важен елемент.

Како и во секоја историска фантазија, главниот лик е раскажувачот! Практично, тука „надворешната политика“, едноставно, е последица на домашни фантазии и оргазми, кои имаат битова-претшколска основа. Ветото е надворешно-политичка последица на внатрешно-политичка несигурност, изродена од типичното за Бугаринот вљубување во позицијата на историски губитник. Златомир Златанов на едно место вели: „Бугаринот се гордее со истетовираните историски рани“. Од тие тетоважи владата денес сака да направи фреска.

Значи, не станува збор само за тоа дека ни претстојат избори. Овој избор на Бугарија е направен, но не толку одамна. Тој има корен во живковизмот и нашата историска школа, во голема мерка поврзана со Александар Брмов во Институтот за историја на БАН. Тука повторувам многумина, но важно е да се каже дека за разлика од целиот ГЕРБерски (но и универзален за бугарската транзиција) антикомунизам, очигледно е невозможно да се разделиме само со комунистичкото трансисториско лудило на историографијата. Тоа е историско училиште не постаро од две генерации, старо приближно 60 години. Ова е занемарливо краток период на историографски заблуди и фантазми, ако размислуваме за историски корекции и општи компромиси. Не случајно Бугарската академија на науките толку жестоко брани една псевдо-палеоархеолошка позиција за јазикот; не случајно, ТАА книга на БАН беше веројатно првиот бестселер на оваа институција од почетокот на транзицијата (ја видов со свои очи во рангирањето на една онлајн книжарница). Свртувањето кон националистичката историја на Живков е, едноставно, одраз на растечкиот етнокомпензаторски неуспех на политиката на „социјализмот во една земја“ од времето на СССР – тоа не е многу сложено! Во практика, денешното вето е далечен одраз на политиката на социјализмот во една земја. Захариева и нејзиниот тим, претседателот, премиерот и сите тие, всушност, ја бранат токму оваа политика преку ова елитно вето, неразбирливо за светот. Но, никој нема да седне да ја проучува оваа генеза, и така треба во еден нормален свет на политиката.

Оптимизмот дека „ова не е бугарска позиција“ – една позиција која навистина сака да нè отсрами, позиција што сугерира дека постои едно „тивко мнозинство“ (либерално клише кое добронамерно се обидува да ја пренапише реалноста) – е прилично измислена, неодржлива и посакувана. Напротив, тоа е токму бугарскаТА позиција а приори – има едно тивко (бугарско) малцинство, кое медиумите со сите сили го замолчуваат (ова се виде синоќа [17.11.2020] на „Референдум“ на БНТ, но тоа е јасно многу месеци, а за некои од нас – со години). Јас самиот не се сметам за тивок, но тоа, се разбира, нема никаква важност.

Захариева самата ќе се претвори во смеурија на Борисов – како што знаеме, тој е безкичмест, црна политичка дупка, и секој станува жртва на неговото скршено нишало. Релативно наскоро компромис ќе се најде, никој нема да биде среќен од него, но многу брзо Захариева ќе згасне од небото украсено со етикети како „железна лејди“ – тоа ќе биде шега, а не ГЕРБерско кредо.

Борисов најверојатно се приготвува за фин излез од политиката следната година и нема да сака да биде запаметен како разединител на интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, откако (без никаква основа) се обиде да стане лидер во оваа насока за време на претседателството со ЕУ во 2017 година. Токму затоа, дури и без голем притисок од Германија и ЕУ, тој ќе сака да го пренапише своето наследство и ќе ја фрли Захариева на буништето на историјата.

Каракачанов и компанијата се во креативна паника: ВМРО за прв пат од 1990 година, откако се здоби со имот на софиската улица „Пиротска“, имаат шанса да ги изнесат муабетите од канцеларијата, на најгорниот кат на меѓународна сцена. Се разбира, ова бара одредена маалска дрскост, а во оваа канцеларија го има претежно токму тоа. Сепак, ќе се осмелам да шпекулирам дека меѓуинституционалниот консензус во корист на ветото не е придвижен од улицата „Пиротска“; тој е одгледан во историската епрувета на бугарското историско образование, консензусот не доаѓа само од уценувањето на Каракачанов кон коалицискиот партнер, тој е „органско“ и спонтано единство на, инаку, разновиден вид на национал-параноици.

Ова е идеалниот момент за вакво вето – состојбата во Унијата е толку страшна, што тоа го дозволува без никакви непосредни проблеми. Токму во моментов ЕУ, дури и претседателството на Германија, може сосем рамнодушно да го проголта овој дипломатски куриозитет токму како незабележителен каприц на дечињата што си играат во задниот двор на ЕУ. Да не спомнувам дека Захариева во одреден степен му прави услуга на Макрон. На крајот на краиштата, на кој голем политичар му е гајле за инфантилните преправања на политички недоносените луѓе, кога ЕУ е растргната меѓу превласта на Орбан, Качински и пандемијата? Во моментов, цената на блокираната интеграција на Западен Балкан е лесно исплатлива; Захариева и компанијата многу добро допреа до духот на времето, но едноставно не ќе има кој да го запамти нивното неосновано „херојство“ – едноставно затоа што тоа има вредност најмногу за необразованиот и самозаслепен бугарски национал-шовинизам.

Со други зборови, повторно – само за внатрешна употреба.

За Северна Македонија:

Македонците го истрпеа малтретирањето од Грција толку години, нас ли нема да не преживеат?! Овој процес веројатно нема да трае подолго од уште една бугарска влада. Дури и ако ова вето временски опстојува и ако ЕУ нема процедурални механизми за отстранување на Бугарија од процесот (во што се сомневам), ништо не ги спречува Македонците да продолжат самостојно да ги исполнуваат преговарачките поглавја според планот, за да можат да надоместат откако ќе отпадне бугарскиот фактор. А, тоа ќе се случи порано или подоцна или преку компромис, или без него. Историјата оди напред и во тој поглед (иронично наспроти посакуваниот ефект) еманципацијата на С. Македонија од нејзиното „бугарско минато“ и „заедничката историја“ ќе ја придвижи напред кон ЕУ со разуверениот менталитет на „поголеми светци и од папата“.

По само околу еден месец, веќе никој нема да се занимава со Бугарија во С. Македонија. Ние не сме и ќе продолжиме да не сме фактор во животот на Македонците, особено по ветото. Патем, ова ќе беше така дури и без ветото; вистината е дека во С. Македонија има релативно мало малцинство на луѓе свесно ориентирани кон Бугарија, чија снобовско-демографска карактеристика ги навестува нивните склоности кон една внимателна, но засега неефективна бугаро-интеграција.

текстот во целост прочитајте го тука

Back to top button
Close