Белгија се подготвува за нови мерки против Ковид-19

Белгиската Влада денеска одлучи да го свика министерскиот совет за Ковид-19 три дена порано, односно утре наместо в петок, на кој се очекуваат нови мерки за да се избегне четврти бран, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Иако за сега не се шпекулира со информации во медиумите, сè поизвесно е дека Владата ќе ја врати мерката задолжително носење на заштита маска, мерка што се укина летово.

Со оглед на драстичниот раст на новозаразени и зголемената стапка на зафатени болнички кревети поради Ковид-19, властите би требало повторно да воведат носење маски на сите јавни места и трговски центри.

За сега владата не планира затворање на училиштата, но би требало да препорача повторно да се работи од дома за сите за кои тоа е изводлива опција.

Со големата стапка на вакцинација во Белгија, властите и населението целосно се опуштија, но во последните недели загрижува скоро експоненцијалниот раст на бројот на новозаразени.

Училиштата за сега не би требало да се затворат, но министрите утре ќе разговараат за воведување на задолжителна вакцинација за населението, како и за трета доза за сите.

Меѓу политичките партии што ја сочинуваат федералната власт нема консензус, така што утре не се очекуваат конечни одлуки, но алармот е вклучен за да се избегне четврти бран

Back to top button
Close