Белгиски граѓански здруженија против одлуката на држава за незгрижување на азиланти-самци

Осум белгиски здруженија за човекови права до Државниот совет на Белгија поднесоа жалба против одлуката на белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур со која времено се суспендира обврската државата да им обезбедува сместување на мажите-самци кои поднеле барање за азил во земјата.

Барањето е поднесено откако Де Мур информира дека белгиската Федерална агенција за прием на баратели на азил (Федасил) повеќе нема да им обезбедува сместување на барателите на азил-самци, со цел во услови на „зголемен прилив на семејства со деца“ да има доволно места за нивно загрижување и да се избегне опасноста „деца да останат на улица во текот на зимата“.

Претставник на едно од здруженијата подносители на жалбата, Жан-Марк Пикар во изјава за агенцијата Белга посочи дека ваквата одлука е незаконска. – Ова несомнено го знае и државната секретарка, додаде Пикар.

Одлуката на Де Мур не наиде на поддршка ниту од повеќето белгиски политички партии, пред се од оние во опозиција.

Копретседателот на Валонската еколошка партија (Еколо), Ражаи Мауан изјави дека ваквата одлука е „жална“ и „целосно неприфатлива“, потсетувајќи дека Белгија веќе беше изложена на критики за непочитување на основните човекови права во односот кон мигрантите.

Како што јави специјалниот извештувач на МИА од Брисел, решението предизвика реакции и на ниво на ЕУ, па Европската комисија најави дека ќе побара објаснување од Белгија за ваквата одлука.

Де Мур во колумна објавена во весникот „Стандард“ ја бранеше својата одлука посочувајќи дека  треба да се намали приливот на лица кои не бегаат од насилство или прогон, за да може Белгија да им понуди заштита на оние кои навистина се прогонети.

Според неа, „клучен чекор“ за справување со миграцијата во Белгија е спроведувањето на Миграцискиот пакт на ЕУ и склучување на договори со земјите на потекло на мигрантите, со цел тие да се дестимулираат да заминуваат во Унијата преку инвестирање во образованието и отворањето работни места, како и во справувањето со шверцерите на луѓе.

– Реалноста е дека само со работа со овие земји можеме да ја вратиме контролата врз миграциските текови и нашите политики, наведе Де Мур, додавајќи дека за време на белгиското претседавање со Унијата во првата половина на следната година ќе се фокусира на создавање „контролирана миграциска политика“.

Според најавите, Државниот совет на Белгија би требало да ја разгледа жалбата на одлуката на Де Мур во текот на претстојнава недела.

Back to top button
Close