Белгискиот полицаец Рекс (дресиран во Маџари)- страв и трепет за шверцерите на оружје и дрога

Рекс е експерт за пронаоѓање дрога и оружје. Тој е еден од 36-те дресирани кучиња кои живеат во скопската населба Маџари, каде што се наоѓа седиштето на Единицата за службени кучиња на МВР.

Кога на 24 август 2018-та година дел од станарите од зградата се заминати на годишен одмор, полицијата спроведува акција во една скопска населба и на три различни ката наоѓа дрога. Невообичаено, кокаинот бил сокриен во ходниците на трите ката, но за белгискиот овчар Рекс кој е дел од тимот за овој претрес не било невозможно да ја пронајде дрогата стуткана зад лимениот сандак за парно.

„При подетална проверка на 1 спрат се пронајде црно ќесиче со прашкаста материја-кокаин. На третиот спрат е пронајдена мала дигитална вага, а на 6 кат е најдена бела кеса со прашкаста материја-кокаин”, стои во полицискиот билтен.

Заслугата на оваа успешна акција припаѓа на седумгодишното куче-трагач. Рекс е експерт за пронаоѓање на дрога, но и на оружје. Тој е еден од 36-те дресирани кучиња кои живеат во скопската населба Маџари, каде што се наоѓа седиштето на Единицата за службени кучиња. На 21 мај заедно со Рекс и неговиот водич Бобан Тошиќ заминавме на скопскиот аеродром каде што беше изведена симулација за пронаоѓање на наркотична дрога-марихуана. Ќесичката по која трагаше Рекс е сокриена во куферот на еден патник, кој има намера да ја прошверцува преку граница. Но, пред да ги помине аеродромските контроли, белгискиот трагач ја насети и ја пронајде дрогата која беше оставена во големиот хол во куферот.

„Доколку убаво ја сработи работата, видовте дека успешно го наоѓа скриениот продукт добива добра пофалба од моја страна, ‘браво тоа е добро’, добива награда. Кај него топче затоа што му е омилена играчка”, вели Бобан Илиќ, водич за службени кучиња.

Социјализација и меморија

Рекс важи за карактерно куче-трагач кое не се откажува додека не го пронајде пленот. Има поминато стручно-специјалистичка обука, низ која поминуваат сите кучиња во Единицата. Процесот на обучување се одвива во две фази, првата е социјализацијата, после која следуваат тестовите. Но, овој процес е макотрпен и за него е потребна силна кондиција и истраен карактер на кучињата, вели Сашо Стојановски, еден од инструкторите за обука. Понатаму се формира посебна комисија за оценување која го има последниот збор- дали едно куче може да учествува во полициски акции кои се спроведуваат плански и со предвидување на сите ризици.

Nord-Mazedonien Belgischer Suchhunde RexБелгискиот овчар Рекс со тренерот Бобан Илиќ

„Тука кучето е изложено на меморирање на мириси, носење во урбани средини и пребарување на истите. Откако комплетно ќе ги научи продуктите 3-4 месеци, се носи во различни типови средини и истата е подложна на официјално полагање. Полагањето го врши посебна единица во комисијата, експерти кои заминуваат со продукти на непознати локации. Се оценува брзина на кучето, динамиката и подготвеноста”, вели Стојановски.
Едно куче може да биде обучено да распознава најмногу три продукти – дрога, оружје и експлозиви, на пример. Во Единицата за службени кучиња која е под надлежност на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) има околу 80 службени кучиња, од кои 36 се во седиштето во Маџари, вели началникот Јане Илиевски.

„Во најголем број се застапени белгиските овчари- малиноа, шарпланинецот како чувар, лабрадорот и германскиот овчар, вели Илиевски. Работниот век на едно куче е од осум до десет години”, вели Илиевски.

Во моментов Рекс важи за најподготвен трагач. Зад себе во последните три години има десет акции во кои учествувал и завршиле успешно. Белгиските овчари како раса се вклучени во акциите на полицијата, армијата, царината, токму поради нивниот карактер на неуморни трагачи кои не се откажуваат додека не го пронајдат сокриениот продукт.

извор: ДВ

Back to top button
Close