Белгиските здравствени власти дозволија вакцинирање со „Фајзер“ на 16 и 17-годишници

– Вишиот совет за здравство на Белгија денеска официјално даде зелено светло за вакцинирање на лицата на 16 и 17 годишна возраст со „Фајзер“, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во извештајот објавен од Советот стои дека треба приоритетно да се вакцинираат младите на оваа возраст кои имаат коморбидитети.

Само вакцината на „Фајзер“ засега е одобрена за младите на оваа возраст во Белгија бидејќи нус ефектите се најслаби.

Сепак, Вишиот совет во својот извештај предупредува дека младите без коморбидитети многу ретко развиваат тешки форми на Ковид-19 и нивното вакцинирање нема да придонесе кон значително намалување на притисокот врз болниците. Со оглед на тоа, здравствените власти препорачуваат да се има на ум фактот што во посиромашни земји лица на кои им е потребна вакцината се уште немаат пристап до неа, и прашуваат дали е етички одговорно да се дава приоритет на млади без значаен здравствен ризик во богатите земји.

Back to top button
Close