Бендевска: Преговорите за соработка на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија со ВМРО ДПМНЕ и учество во идната влада се во финална фаза

Потпреседателката на Движењето Знам – За наша Македонија и пратеничка, Весна Бендевска во Тема на денот на Сител телевизија вечерва изјави дека преговорите со ВМРО ДПМНЕ за соработка и учество во идната влада се во финална фаза.

Запрашана дали тоа значи дека се договорени ресорите, Бендевска рече дека за ресорите се раговарло врз основа на платформа, стратегиски определби и политички начела.

„На тој начин, додаде таа, – многу сериозно пристапивме во овие преговори кои официјално ги започнавме во саботата, за што беше известена и јавноста, бидејќи ветивме дека транспарентно ќе известуваме за преговарачкиот процес.

Во краток период, условно да кажам, веќе можеме да кажеме дека во очи на утрешната конститутивна собраниска седница, преговорите помеѓу Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и ВМРО-ДПМНЕ се во крајна финална фаза“.

На констатацијата дека ЗНАМ ќе ги добие министерството за правда и министерството за администрација, два ресори во кои покажуваме слаби резултати и и перформанси на државата и каде има значајна потреба од реформи, како и на прашањето дали овие ресори се предизвик за ЗНАМ, Бендевска одговори дека не разговарале за конкретни ресори, туку за придонес и можност нивните платформски начела, а на кои се базира Движењето ЗНАМ, да влезат и да станат дел од идната владина програма.

Таа додаде дека не би можело да се издвои во кој ресор има најголем проблем, бидејќи нема ресор во кој работите оделе како што треба.

„Движењето ЗНАМ е најбрзорастечка партија која се појавила на македонската политичка сцена и има квалитетни кадри и квалитетна понуда и без проблем може да даде соодветен кадар без разлика за кој ресор станува збор.

Она за кое разговаравме многу сериозно со ВМРО ДПМНЕ е дека ќе мора да биде прифатена основната платформа за соработката, со која настапивме и на параламентарните избори, која ја нарековме „Проглас за достоинствена Македонија“.

Во неа ние Република Македонија ја гледаме како современа, модерна, европска држава, втемелена врз Крушевскиот Манифест и асномските принципи.

Република Македонија како самоодржлива држава, бидејќи мора да покажеме темелни реформи со кои ќе одиме во насока сами да можеме да обезбедиме ресурси со што ќе го подигнеме капацитетот на независност и суверенитет на оваа држава и се разбира, она што е клучно за сите граѓани, а тоа е Република Македонија како држава која испорачува правда за сите, не селективно, туку буквално правда за секој граѓанин, која промовира нулта толеранција кон корупција и ефикасна и брза борба против организираниот криминал.

Секако тука се и стабилните меѓуетнички односи, како столб на државата“, нагласи Бендевска.

На прашањето што конкретно треба да се направи во ресорот правда, Бендевска одговори:

„Темелни реформи. Ние започнавме со генералниот став дека реформите се потребни во судството и обвинителството и за нас ветингот сметаме дека не може да се реализира без претхдно да се проверат темелно сите јавнообвинителски акти и сите судски пресуди. Тогаш ќе знаеме каде ни се случувале проблемите за да може правосудниот систем да има рејтинг на ниво на статистичка грешка. Потоа најавуваме дека ќе инсистираме да се вртат одредбите во Кривичниот закон кои беа избришани, а се однесуваат на бришење на злоупотребата на службената положба.

Мора да се вратат и да се зголеми казната затвор на десет години.

Многу искрено и чесно влеговме во овие преговори, бидејќи сме свесни за сушината и важноста за овој историски момент и пресврт кој треба да се случи во Република Македонија.

Институциите се колабирани и буквално го имаат допрено дното, особено ресорот правосудство. Ќе мора да започнеме со темелни реформи кои ќе значат сериозна борба против корупцијата и организираниот криминал и тука нема никаква дилема, ниту било каква селективност“, потенцира Бендевска.

Запрашана кои кадри ќе ги понудат и дали претседателот на ЗНАМ, Димитриевски ќе влезе во извршната власт или има други кадри за преземање на одговорноста во извршната власт, рече:

„Кажав дека имаме кадри во секоја област. Шпекулациите не би ги коментирала и потврдувала. Сите одлуки ќе ги носат партиските органи во најскоро време“.

На прашањето каде се гледа себе си во наредниот период, во Собранието или има други амбиции, Бендевска одговори:

„Десет години бев надвор од политичката сцена. Се гледам онаму каде што ќе бидам најкорисна. Во овој момент не можам да кажам каде се гледам лично. Ќе повторам дека одлуките ќе ги донесат партиските органи “.

 

Back to top button
Close