Бенкси донира 13 милиони долари за пренамена на затвор

Британскиот уличен уметник Бенкси има намера да подари 10 милиони фунти (11,7 милиони евра), за пренамена на поранешниот затвор во Рединг (Беркшир) – во центар за современа уметност. „Сандеј тајмс“ објави дека приходите ќе дојдат од продажбата на шаблон што Бенкси го користел за графити на ѕидот на затворот, на кој британскиот поет и драматург Оскар Вајлд (1854-1900) му посветил и песна.

„Не бев особено заинтересиран за Рединг додека не минав крај затворот со автобус. Не се случува често да видите ѕид од 500 метри точно во центарот на градот, што чека да биде насликан, па буквално се качив на друг автобус за да го погледнам подобро. Пред да знам што гледам, си ветив дека ќе насликам нешто на ѕидот. Затоа сега сум голем обожавател на ова место. Оскар Вајлд е небесен покровител на сите кои спротивставуваат две спротивставени нешта за да добијат нешто магично. Замислата да го претворам ова уништено место во светилиште на уметноста е толку добра, па морам да ја остварам“, соопшти уметникот.

Шаблонот што сега е изложен во уметничка галерија во родниот град на Бенкси – Бристол, ќе биде продаден на заинтересиран колекционер за 15 милиони фунти (17,6 милиони евра) без да биде ставен на аукција.

Како што се наведува, шаблоните што ги користи уметникот за графити се исклучително ретки и познато е дека имало продажба на само еден од нив, што ја објаснува исклучително високата проценета вредност на работата на сликарот. Најголемата сума што некогаш била платена за труд на Бенкси беше 18,6 милиони фунти – за „Љубовта оди в канта за ѓубре“, сликата што самиот автор „ја уништи делумно“ со сечач за хартија „тајно“ поставен во рамката на сликата.

Back to top button
Close