Берлин доби уверување од САД за изземање од санкциите за руската нафта

Германската Влада добила уверување од Вашингтон дека новите американски санкции насочени кон рускиот нафтен сектор нема да се однесуваат на германската подружница на „Росњефт“, која се наоѓа под државен надзор, изјави денеска портпарол на министерката за економија Катарина Рајхе.

Во меѓувреме е издадено т.н. „писмо на утеха“ (comfort letter) како привремено решение, додека германското Министерство за економија и американските власти работат на подетални и правно обврзувачки појаснувања, кои се очекуваат наскоро, додаде портпаролот, пренесува ДПА.

Весникот Ханделсблат, повикувајќи се на владини извори, објави дека доколку не било добиено изземање од санкциите за „Росњефт Дојчланд“, би можела да настане сериозна енергетска криза во снабдувањето.

Според весникот, веднаш по објавувањето на санкциите, банките што обработуваат трансакции за рафинеријата ПЦК – во која германската подружница на „Росњефт“ поседува 54 проценти – во голема мера се повлекле. Тоа можело да ја принуди ПЦК да ги прекине операциите за неколку недели и да поднесе барање за стечај.

Рафинеријата ПЦК Шведт, сместена околу 90 километри североисточно од Берлин, близу до полската граница, снабдува голем дел од североисточна Германија, вклучително и главниот град, со бензин, дизел, керозин и хемиски производи.

По целосната руска инвазија врз Украина во февруари 2022 година, германската влада ги стави под државен надзор подружниците на „Росњефт“ и ја презеде контролата врз нивното работење.

Според американското Министерство за финансии, санкциите објавени минатата среда практично забрануваат какви било економски односи со „Росњефт“, „Лукоил“ и нивните подружници – не само за американски компании, туку и за странски банки или деловни партнери поврзани со санкционираните субјекти.

Компаниите во кои санкционираните фирми имаат најмалку 50 проценти сопственост автоматски се сметаат за блокирани.

Back to top button
Close