Берлин и Атина стојат зад европерспективата на Западен Балкан, одлуката за следните чекори со С Македонија е на членките на ЕУ

По претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која од Скопје ја започна балканската турнеја чија главна порака е посветеноста на ЕУ за европската интеграција на регионот, пораки за поддршка на европерспективите на Западен Балкан стигнаа и од германскиот канцелар Олаф Шолц за време на неговата посета на Атина.

Имено, проширувањето на Европската Унија билa една од темите за кои тој разговарал со грчкиот премиер, прашање за кое самиот Шолц рече дека е особено важно за него, а била спомената, како европската перспектива на Украина и Грузија, така и на земјите од регионот.

– Разговаравме и за проширувањето на Европската Унија, за интегративната перспектива на Украина и Грузија, но главно е прашањето за земјите од Западен Балкан. Перспектива што се отвори пред 20 години и тоа во Солун, кога им рековме на овие земји дека може да станат членки на ЕУ. И двајцата особено се обврзуваме и сакаме да го промовираме пристапниот процес на овие земји, рече Шолц на заедничката прес конференција во Атина со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, посочувајќи дека и двајцата сакаат да го промовираат пристапниот процес на земјите од Западен Балкан.

Следната седмица, на 3 ноември во Берлин ќе се одржи Самитот за Западен Балкан. Домаќин ќе биде токму германскиот канцелар Шолц, а ќе присуствува и грчкиот премиер.

Од Брисел, вчера порачаа дека за следните чекори во ЕУ процесот со Северна Македонија ќе одлучуваат земјите членки. Портпаролот за надворешни работи, Петер Стано, вчера на редовниот брифинг за новинари, потсети на изјавата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, завчера во Скопје дека „Северна Македонија заслужува да оди напред“ и да напредува најбрзо што е можно.

-Но, одредувањето на следниот чекор им припаѓа на земјите членки, рече Стано.

Северна Македонија доби условено отворање на преговарачките поглавја и првата меѓувладина конференција, условот е промената на Уставот и вметнувањето на Бугарите во него. Во меѓувреме, земјата доби „политичка“ меѓувладина конференција, а треба да заврши и со процесот на скрининг пред да ги отвори поглавјата и кластери од преговарачкиот процес.

 

Премиерот Димитар Ковачевски вчера повтори дека од нас зависи колку брзо ќе го завршиме објаснувачкиот и билатералниот скрининг и колку брзо ќе ги направиме уставните измени.

– Сега од нас зависи, колку брзо ќе го завршиме објаснувачкиот скрининг, колку брзо ќе го завршиме билатералниот скрининг, колку брзо ќе ги направиме потребните уставни измени и колку брзо во тие преговори сите заедно, и Владата и опозицијата и академската и бизнис заедницата, и невладините организации и медиумите, ќе успееме што побрзо да станеме членка на ЕУ. Доколку сите бидеме фокусирани на остварување на таа цел, тогаш јас сум подготвен да водам и сите заедно до 2030 година да ја оствариме таа цел, истакна Ковачевски.

Според Ковачевски, уставните измени, не се прашање на изјава, туку прашање на процедура и во таа процедура учествуваат сите политички чинители во државата.

– Во таа процедура учествуваат сите политички чинители во државата, како што учествуваат партиите од позицијата, така учествуваат и партиите од опозицијата. Учествуваат партии кои што имаат нормално и етнички предзнак, сите тие нормално дека ќе имаат свое видување на уставните измени во однос на тоа што треба да се унапреди во Уставот, изјави Ковачевски во вестите на Канал 5.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вчера го повтори ставот на партијата дека нема да ги поддржат уставните измени во Собранието под постојните услови.

– Ако мислат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи овие уставни измени под овие услови и овие околности, тогаш јавно кажувам дека тоа нема да се случи. Ние имаме јасна позиција – нема да поддржиме уставни измени под овие услови, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање за коментарот на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен дека очекува да биде обезбедено мнозинство и уставните измени да бидат изгласани во Собранието.

Мицкоски претходно викендот изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи уставни измени само доколку добие гаранции од ЕУ дека земјата ќе влезе во Унијата и дека за време на пристапниот процес, Бугарија нема да стави нови вета.

Од албанските партии, пак, бараат од Уставот да се тргне формулацијата „друг јазик кој го зборуваат 20 проценти од населението“ и да стои македонски и албански јазик.

В.д. претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари вчера изрази надеж дека во овој парламентарен состав ќе бидат донесени уставните измени и дека ќе помине нивното барање. Доколку не се изгласаат уставните измени, смета тој, неизбежни се предвремени парламентарни избори.

– Ако не поминат уставните измени во овој парламентарен состав, тогаш мислам дека уште долг временски период ќе тапкаме во место и ќе бидеме држава во која нема да има ниту Македонци, ниту Албанци, ниту други етнички заедници бидејќи полека народот се иселува. Ако не поминат уставните измени, може да се случат и предвремени избори. Ако нема договор за уставните измени, мислам дека неизбежни се предвремените избори, рече Таравари.

Back to top button
Close