Берлин и Виена сакаат јасна европска перспектива за Западен Балкан

Германија и Австрија се за забрзување на надворешната политика на Европската унија и сметаат дека на Западен Балкан треба да му се овозможи европска перспектива, порачаа шефовите на дипломатиите на двете земји Аналена Баербок и Александар Шаленберг.

Двајцата министри во Берлин изјавија дека двете земји се договориле за Западен Балкан, нарекувајќи го „предворие на Европа“, а Шаленберг нагласи дека меѓу Германија и Австрија постои обврска да внимаваат на регионот.

Берлин и Виена бараат „поголема брзина во надворешната политика“, вклучително и „итна потреба од европска перспектива за Западен Балкан“, истакна Бурбок. Австрискиот министер изрази посебна загриженост за ситуацијата во Босна и Херцеговина.

– Територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина не е предмет на преговори, нагласи Шаленберг, кој вчера во Берлин разговараше и со високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит.

– Западен Балкан е регион каде Австрија и Германија тесно соработуваат и каде што би можеле да настанат следните линии на раздор. Ако постои област каде Европа мора да дејствува заедно, тогаш таа е таму. Западен Балкан никогаш не смее да стане полигон за тестирање неевропски актери, рече Шаленберг по разговорот со Шмит.

Сепак, средбата меѓу Баербок и Шаленберг најмногу беше посветена на тензиите околу Украина и тие заклучија дека ЕУ мора да ја координира својата политика за решавање на таа криза.

Back to top button
Close