Берлин со апел за што е можно побрз почеток на преговорите со ЕУ

Берлин денеска на 9 Мај – Денот на Европа излезе со јасна порака за брз почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Пораките беа упатени преку шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок и државна министерка за Европа и клима, Ана Лирман.

-Европската Унија никогаш повеќе не треба да дава празни ветувања и неопходно е конечно да се отворат претпристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, изјави Бербок.

Таа од друга страна нагласи дека Украина не треба да очекува брзо пристапување во ЕУ.

-Украина припаѓа на европското семејство. Но не знаеме кога би можел да следува приемот и како тоа да се спроведе, бидејќи Украина во моментов е во страшна војна, рече Бербок.

Таа претходно во врска со Украина  укажуваше на тоа дека пристапниот процес трае со години и дека не може да се спроведе по забрзана постапка.

Германската државна министерка за Европа и клима, Ана Лирман, пак, изјави дека во однос на европската перспектива на Западниот Балкан, ЕУ мора сега да направи значителен напредок со отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, што е можно побрзо.

-За мене е јасно дека мораме да го исполниме нашето ветување. Постојат многу јасни правила во процесот на пристапување. Значи ако се спроведат реформи, тогаш овие земји ќе бидат чекор поблиску до ЕУ, изјави Лирман во интервју за Еурактив.

Во врска со концептот на Европа со повеќе брзини, Лирман вели дека постои можност за побрза интеграција на државите кои се подготвени, но дека поради војната во Украина „сега не е време а се носат такви фундсаментални одлуки“.

-Сега во актуелната сеопфатна криза, фоскусот на сојузната Влада е најпрво да ги држи сите заедно и да бидеме што е можно пообединети, посебно во поглед на големите прашања, нагласи Лирман.

Таа додаде дека пред земјите од Западен Балкан да станат членки, ЕУ мора да почне со институционални реформи. -Ние како ЕУ мораме да ја завршиме нашата домашна задача и институционално да се подготвиме за да функционираме како ЕУ со 33 или повеќе земји, рече Лирман.

 

 

Back to top button
Close