Берлинале избира нов директор

Германската министерка за култура, Клаудија Рот очекува до крајот на оваа година да се донесе одлука за нов директор на Берлинале, кој ќе ги замени Мариет Ризенбек и Карло Чатријан, објави електронското издание „Скрин дејли“.

– Процедурата добро напредува за да можеме оваа година да претставиме нова личност, да постигнеме добро Берлинале 2024 и да вложиме максимални напори Берлинале да продолжи да биде фестивал на брилијантност и со меѓународно значење во иднина, изјави Рот за ДПА.

Таа објасни дека по разговорите со претставниците на филмската индустрија, компанијата КББ, којашто го организира Берлиналето, каде што „одговорноста за креативните и економските области се во исти раце“, гласала за промена на раководството на овој меѓународен филмски фестивал.

Според неа, Берлинале треба да биде на исто рамниште со Кан, Венеција и Торонто.

Во меѓувреме, отвореното писмо коешто повикува на продолжување на мандатот на Карло Чатријан како креативен директор на Берлинале веќе собра триста потписи, вклучително и на значајни претставници на меѓународната филмска заедница, како Мартин Скорсезе, Тилда Свинтон, Пол Шрадер, Мари Кројцер.

Back to top button
Close