Бернската конвенција: Случајот „Маврово“ и по 11 години без решениe
Постојаниот комитет на Бернската конвенција на својата последна седница во декември која се одржа во Стразбур го коментираше отварањето на хидроцентрали на територијата на Националниот парк „Маврово“. Нивната оценка е дека животната средина се загрозува во одредени делови што ќе предизвика трајни последици врз природата, пренесе Фокус.

Според Бернската конвенција, оваа оценка е резултат на начинот на кој се третира заштитата на животната средина во Северна Македонија. Истакнато е дека досега нема видлив напредок во спроведувањето на препораките што ѝ беа дадени на земјата во изминатите години, при што случајот останува активен уште од 2014 година па сѐ до денес.
Од Еко-свест во изјави за медиумите велат дека случајот за отворањето хидроцентрали на територијата на Маврово е отворен уште во 2014 година и дека, за жал, досега нема никаков напредок. Тие додаваат дека сите забелешки од страна на Комитетот се вклучени во новиот извештај за 2025 година.
„Поради слабиот напредок, Комитетот ја изрази својата загриженост и усвои одлука да спроведе теренска посета во Македонија во текот на 2026 година, со цел да помогне во откочување на процесите и постигнување на задоволителен напредок. Очигледно е дека и по 11 години од отворањето на случајот, нема доволен интерес за негово разрешување преку примена на сите дадени препораки“, додаде Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, кои се подносител на случајот во Бернската конвенција.
Чоловиќ Лешоска нагласува дека за конечно решавање на случајот неопходно е усвојување на Закон за води и нов Закон за заштита на природата, како и усогласување на статусот на Националниот парк „Маврово“ со меѓународните стандарди. Дополнително, таа ја истакнува потребата од изработка и спроведување на национален акциски план за заштита на балканскиот рис, како и обезбедување стабилни државни средства за управување со заштитените подрачја.
Според неа, законската забрана за изградба на хидроцентрали во заштитени подрачја мора итно да се воспостави и доследно да се применува во практика






